Фото: МИА

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска постхумно ја одликува историчарката, универзитетска професорка и авторка Наде Проева со Орден „8 Септември“, во знак на признание за нејзиниот исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на македонската историографија. Одликувањето го прими нејзината сестра Павлина Проевска, пренесе МИА.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека Проева целиот свој професионален живот го посветила на истражувањето на антиката и античка Македонија, оставајќи значајно научно наследство и отворајќи нови хоризонти во историската наука.

-Од натписи врежани во камен, монети, археолошки ископувања и ретки сведоштва од минатото, професорката Наде Проева создаваше знаење, теории и нови научни сознанија, поттикнувајќи пошироко и подлабоко размислување за местото на Македонија и Македонците во историјата – истакна претседателката.

Таа нагласи дека Проева не го романтизирала минатото ниту го претворала во мит, туку му пристапувала со научна строгост, интелектуална чесност и одговорност кон историската вистина.

Осврнувајќи се на нејзиниот академски пат, Силјановска-Давкова потсети дека образованието го стекнала во Белград, а понатамошната специјализација ја продолжила на Сорбона во Париз, каде што се посветила на епиграфиката, нумизматиката и античките религии.

Според претседателката, научните трудови на Проева за античка Македонија и Римската провинција Македонија претставуваат значаен придонес за историографијата и остануваат вредна основа за идните истражувања.

-Нејзиниот авторитет не произлегуваше од титулите што ги носеше, туку од подготвеноста секоја теза да ја поткрепи со докази и знаење и секој став да го изложи на критичка проверка – рече Силјановска-Давкова.

Таа додаде дека Проева активно учествувала и во јавниот живот, сметајќи дека интелектуалците имаат обврска да се вклучуваат во дебатите за културата, историјата и идентитетот.

Посебно беше истакната и нејзината улога како професорка и ментор на генерации студенти.

-Нејзините студенти од неа не учеа само историја, туку и важна лекција дека сериозното знаење започнува таму каде што завршува самоувереноста и се раѓа сомнежот – нагласи претседателката.

При примањето на одликувањето, сестрата на Проева, Павлина Проевска, во име на семејството изрази благодарност за признанието, оценувајќи дека тоа претставува почит не само кон нејзината сестра, туку и кон сите историчари и археолози кои работат на зачувување на македонското културно и историско наследство.

Таа најави неколку иницијативи насочени кон зачувување и продолжување на делото на Проева. Меѓу нив се дигитализација и превод на нејзините книги на англиски јазик, организирање летен камп за средношколци во Претор, формирање спомен-соба во Ресен и основање на Центар за историски студии „Наде Проева“.

-Преку овие проекти сакаме нејзините идеи, вредности и научно наследство да останат достапни и инспиративни за новите генерации – истакна Проевска.

Проф. д-р Наде Проева беше еден од водечките македонски историчари-класицисти и долгогодишен професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на бројни научни трудови и публикации од областа на античката историја, а за својата научна работа добитник е и на францускиот Орден „Витез на академските палми“.

Наде Проева почина на 6 ноември 2024 година во Скопје, оставајќи зад себе богато научно и образовно наследство што продолжува да има значајно влијание врз македонската историска наука.