Девет случаи на семејно насилство се евидентирани во изминатите 24 часа на територијата на државата, при што четири лица биле лишени од слобода, а со уште две лица бил извршен службен разговор, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, случаите вклучуваат физички напади, закани и психичко малтретирање меѓу брачни и вонбрачни партнери, родители, деца и други членови на семејството.
Во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого е во бракоразводна постапка, ѝ упатувал закани на подрачјето на Кисела Вода. Во друг случај, полициски службеници извршиле службен разговор со 43-годишен скопјанец по пријава дека физички ја нападнал својата 35-годишна вонбрачна партнерка.
Во главниот град бил пријавен и случај на психичко малтретирање, при што 59-годишен маж пријавил дека бил вознемируван од својот татко.
Во Дебар, полицијата привела 34-годишен маж осомничен дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка.
Во Тетово, од Клиничката болница било пријавено дека 44-годишна жена побарала медицинска помош по физички напад, за кој посочила дека бил извршен од нејзиниот вонбрачен партнер.
Полицијата во Штип привела 40-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга, додека во Кочанско бил извршен службен разговор со 20-годишник по пријава од неговиот дедо дека бил физички нападнат и му биле упатени закани.
Во Кавадарци, 52-годишен маж бил лишен од слобода поради сомнение дека му се заканувал и физички го нападнал својот внук, а во Куманово бил приведен 33-годишен маж кој, според пријавата, агресивно се однесувал и физички ги нападнал своите родители.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи.
-По нивното целосно документирање, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави – соопштија од МВР.
Доколку сте жртва или сведок на семејно насилство, случајот може да го пријавите во полиција, во центрите за социјална работа или на достапните линии за помош и поддршка.





































