Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на отворањето на Состанокот на високи претставници во рамките на Прашкиот процес за миграциски дијалог, кој се одржува во Скопје, со учество на претставници на државите членки, меѓународните организации и партнерските институции вклучени во управувањето со миграцијата и азилот, пренесе МИА.

Во своето обраќање, Тошковски нагласи дека миграцијата не е само политичко прашање, туку секојдневна реалност со која се соочуваат државите, институциите и граѓаните.

-Миграцијата е реалност што ја чувствуваме на нашите граници, во нашите заедници и во животите на луѓето. Македонија низ годините научи дека ефикасното управување со миграцијата бара континуирано вложување во човечките ресурси, модернизација на граничната инфраструктура и блиска соработка со соседните земји и европските агенции – истакна Тошковски.

Осврнувајќи се на новиот Пакт на Европската Унија за миграција и азил, министерот оцени дека неговата успешна примена е можна само доколку земјите од Западен Балкан бидат активно вклучени во процесот на усогласување и спроведување на новите политики.

Според него, справувањето со миграциските текови не може да биде одговорност исклучиво на земјите-членки на Европската Унија, туку бара пошироко регионално партнерство и координација.

-Потребна е вистинска соработка, предвидлива финансиска поддршка, оперативна помош и формални механизми за партнерство кои ќе овозможат усогласување на законодавството, размена на информации и реализација на заеднички активности – порача Тошковски.

Тој нагласи дека државата останува посветена на модернизацијата на граничното управување, развојот на концептот на паметни граници, унапредувањето на обуките и зајакнувањето на размената на информации со партнерските институции. Како приоритети ги посочи и заштитата на ранливите категории лица, како и борбата против криумчарењето мигранти.

Во рамки на дводневниот состанок ќе се одржат повеќе тематски сесии посветени на подготовките за Петтата министерска конференција на Прашкиот процес и новиот Акциски план 2028–2032, регионалните миграциски политики и конкретните мерки за справување со актуелните предизвици во областа на миграцијата.

Тошковски оцени дека Прашкиот процес има особено значење бидејќи создава платформа за практична соработка меѓу државите, институциите и експертите кои директно работат на управување со миграциските текови.

-Доколку сакаме миграциските политики да дадат резултати, потребно е државите низ кои поминуваат миграциските рути да бидат рамноправно вклучени во креирањето и спроведувањето на решенијата. Само преку заеднички проекти, заеднички капацитети и усогласени процедури можеме да изградиме одржлив систем кој ќе одговори на современите предизвици – истакна министерот.

Како домаќин на состанокот, Македонија ја потврди својата подготвеност активно да придонесува кон унапредувањето на регионалната и европската соработка во областа на миграцијата и управувањето со границите, со цел создавање поефикасен, побезбеден и похуман миграциски систем.