Модернизацијата, дигитализацијата и професионализацијата на јавната администрација, како и зајакнувањето на довербата на граѓаните во институциите, беа во фокусот на одбележувањето на Денот на јавната администрација, што денеска го организираше Министерството за јавна администрација под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“ во Филхармонијата, пренесе МИА.
На настанот беше нагласена улогата на јавната администрација како еден од клучните столбови во процесот на европска интеграција и во обезбедувањето квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-заедницата. Посебен акцент беше ставен на реформските процеси, дигиталната трансформација и градењето професионален, ефикасен и транспарентен административен систем.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека Денот на јавната администрација е посветен на административните службеници кои секојдневно придонесуваат за функционирањето на државата.
-Доверба, интегритет и резултати не се само тема на денешниот настан, туку суштина на реформите што ги спроведуваме и визијата што ја имаме за иднината на државата. Ова е ден кога им оддаваме признание на луѓето кои посветено и одговорно работат за институциите да функционираат – рече Минчев.
Тој оцени дека реформските процеси веќе носат конкретни резултати и дека јавната администрација постепено се трансформира во модерен и ефикасен сервис за граѓаните.
-Реформата на јавната администрација не е само обврска на патот кон Европската Унија, туку инвестиција во институциите, во луѓето и во иднината на државата. Од администрација која со години се соочуваше со бројни предизвици, денес градиме систем заснован на стручност, ефикасност и професионализам – нагласи министерот.
Осврнувајќи се на законските измени, Минчев посочи дека е заокружен значаен пакет реформи во управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор, преку донесувањето на законите за административни службеници, за вработување во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука.
Според него, паралелно со законските реформи се работи и на формирање Академија за јавна администрација, како и на унапредување на обуките, дигитализацијата и културата на квалитет во институциите.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува цврсто посветена на модернизацијата на јавниот сектор и на создавање администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните.
Тој нагласи дека реформите не претставуваат политички избор, туку неопходност за економскиот развој, привлекувањето инвестиции и зајакнувањето на довербата во институциите.
-Не можеме да зборуваме за модерна економија со застарени административни процедури, ниту за конкурентна држава ако инвеститорите се соочуваат со административни бариери. Затоа продолжуваме со дигитализацијата на услугите, намалувањето на бирократските процедури и изградбата на институции кои ќе бидат поблиску до граѓаните – истакна Мицкоски.
Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефан Худолин, оцени дека реформата на јавната администрација е долгорочен процес кој бара континуирана посветеност и доследна имплементација.
Тој посочи дека според последниот извештај на Европската Унија, Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на реформите на јавната администрација, при што е забележан одреден напредок, особено во дигитализацијата.
-Потребни се подлабоки структурни реформи и дополнителни напори. Не е доволно само донесување закони, туку нивна целосна примена. Најважно е што добиваат граѓаните – поквалитетни и поефикасни услуги – порача Худолин, додавајќи дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува земјата преку експертска и финансиска помош.
Во рамки на настанот беа доделени и признанија за управување со квалитет во јавниот сектор. Првото место според Индексот на квалитет за 2025 година го освои Министерството за дигитална трансформација, второто место ѝ припадна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а третото на Институтот за акредитација.


































