Фото: Влада

Проблемот со навремената набавка на учебници е надминат и тие сега редовно се доставуваат пред почетокот на новата учебна година, како резултат на воспоставено системско решение, порачаа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, кои присуствуваа на промоција на нови учебници во ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.

Мицкоски истакна дека и покрај технолошкиот напредок, факт е дека во минатото земјата се соочувала со доцнења и недостиг на учебници, што, како што рече, бил резултат на претходни системски слабости. Тој додаде дека Владата сега има обврска да воспостави стабилен систем за тоа да не се повтори.

 – Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала. Еден од тие процеси е системското снабдување на учениците со учебници – изјави премиерот.

Министерката Јаневска посочи дека веќе трета година по ред учебниците се обезбедуваат навреме, најчесто до 1 септември, кога започнува учебната година.

Таа информираше дека оваа година учебниците за прво до трето одделение биле испорачани уште во април и мај, а од следната недела започнува дистрибуцијата за сите одделенија од прво до деветто.

Според податоците од Министерството за образование, досега се испорачани околу 250.000 учебници за прво до трето одделение, а вкупно ќе бидат доставени околу 1,5 милион учебници.

Директорот на Педагошката служба, Педагошка служба при МОН, Роберт Аџипетров, информираше дека со новиот Закон за учебници се донесени десетици одлуки за одобрување на учебници и е воспоставена база од над 800 рецензенти.

Тој додаде дека е воведена и формула за утврдување на цените, со што се надминува претходната пракса на нетранспарентно одредување на вредноста на учебниците.

Аџипетров нагласи дека македонски учебници се користат и во странство, меѓу другото во Токио, Лондон и Виена, како и во Библиотеката на Конгресот во САД, што, според него, ја покажува институционалната подготвеност во оваа област.