Либан и Израел денеска во Вашингтон започнуваат нова рунда мировни преговори, кои ќе траат три дена. Ова е петтиот круг разговори од април досега.
Според информациите, војната започнала на 2 март, кога Хезболах, во знак на поддршка на Иран, извршил напад врз Израел. Израел одговорил со воздушна и копнена офанзива врз јужен Либан, при што, според извештаите, загинале над 4.000 лица, пренесе МИА.
Либанските претставници сметаат дека директните преговори со Израел се единствениот начин за завршување на конфликтот, и покрај тоа што претходните четири рунди не донеле напредок. Тие посочуваат дека недостигот на доверба останува клучна пречка во процесот.
– Довербата е основен проблем меѓу двете страни. Не можеме да ги исполниме нивните барања, а тие ги отфрлаат нашите – изјави неименуван либански претставник.
Бејрут инсистира на повлекување на израелските сили од либанска територија, додека Ерусалим бара нивно останување во јужен Либан, како и разоружување и распуштање на Хезболах.
Либанската влада од 2025 година се обидува да го ограничи и разоружа Хезболах, но без директна конфронтација, поради страв од можна внатрешна нестабилност.
Од друга страна, Хезболах соопшти дека нема намера да се разоружа и ја повика либанската влада да се повлече од директните преговори со Израел.


































