Фото: МИА

Годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава треба да биде под 3 проценти, како заедничка цел дефинирана на вчерашната средба во Владата со претставници на најголемите трговски синџири.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека во наредниот период ќе се одржат дополнителни состаноци и со производителите, дистрибутерите и добавувачите, со цел усогласување на мерките за постигнување на оваа цел.

– Имавме состанок со претставници на најголемите ланци на маркети. Разговаравме за кризата којашто еве, полека но сигурно, барем како што стојат сега работите, завршува. Ги анализиравме ефектите од кризата и заеднички дефиниравме цели коишто треба заеднички да ги да ги исполниме. Една од тие цели е во јули годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи не биде поголема од 3 проценти, односно да биде под 3 проценти. Се согласивме сите. За ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени – изјави Мицкоски.

Паралелно, Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе споредбена анализа на цените на истите производи кај добавувачите и во маркетите, при што ќе се споредуваат податоци од мај 2025 и мај 2026 година. Целта е да се утврди што доведува до зголемување на цените на основните прехранбени производи.

Мицкоски истакна дека Владата останува посветена на системски решенија за одржување на инфлацијата на основните прехранбени производи под 3 проценти, нагласувајќи дека граѓаните треба да добијат квалитетни производи по најниски можни цени.

– Ги анализиравме сите објективни состојби коишто тие вчера ги кажаа. Анализираме и промена на одредени законски решенија во насока на поуспешна реализација на оваа цел или во иднина цели коишто ќе си ги поставиме. Тоа што е од страна на Владата ќе биде испорачано, останува тие тоа да го испорачаат. Истовремено, Државниот пазарен инспекторат доби задача да направи компаративна анализа помеѓу цените на еден ист производ, еден ист артикл на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој ист производ кон потрошувачите, граѓаните, за месец мај 2025-та споредено со месец мај 2026-та. Да видиме, што е тоа кое што тука креира состојба да ние имаме зголемени цени на основните прехранбени производиНашата цел е основните прехранбени производи, не е – тутунот и производите од тутун, алкохолните пијалоци или друг тип на акцизна роба. Зборуваме за основни прехранбени производи, тоа што им е неопходно на граѓаните – рече Мицкоски.

Тој додаде дека доколку не се почитуваат договорените цели, Владата ќе разгледа и дополнителни мерки, вклучително и можни законски измени.

Во анализата ќе бидат опфатени и објективните фактори што влијаат на формирањето на цените, со цел да се добие јасна слика за пазарните движења.

Премиерот нагласи дека Владата ќе остане доследна во напорите за заштита на животниот стандард, при што фокусот останува на основните прехранбени производи, а не на акцизните добра како тутун и алкохол.