Фото: ЕПА

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, изјави дека нуклеарниот статус на земјата претставува единствен начин за справување со сè покомплексната и непредвидлива глобална безбедносна ситуација, пренесе Корејската централна новинска агенција (КЦНА).

Според него, континуираното јакнење на нуклеарните сили и целосното искористување на статусот на нуклеарна држава се најсоодветниот одговор на актуелните меѓународни воени и политички предизвици.

Ким оцени дека светот се соочува со „незамисливи и изненадувачки настани“, за кои ги обвини, како што рече, хегемонистичките сили. Притоа директно ги посочи Соединети Американски Држави како одговорни за продлабочување на конфликтите и крвопролевањето во Европа и на Блискиот Исток, пренесе „Ројтерс“.

Осврнувајќи се на состојбата на Корејски Полуостров, севернокорејскиот лидер ги обвини САД и Јужна Кореја дека водат политика насочена кон напад врз Северна Кореја.

Покрај тоа, Ким нареди зголемување на производството на конвенционално оружје и забрзување на изградбата на нов ракетен крстосувач од 10.000 тони, кој ќе може да носи стратешки наведувани ракети.

Изјавите доаѓаат во период на засилени тензии во повеќе региони во светот и продолжени безбедносни предизвици на Корејскиот Полуостров.