Фото: Приватна архива

Креативно лето (2)

  • Драги читатели, долгото топло лето е пред вас. Знаеме дека ќе имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“ со интересни активности во секој број ќе ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето ново катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање.
    Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра

За оваа активност ви се потребни лист хартија со коцки, две коцки и два фломастера или боички во различна боја. На почетокот, играчите избираат боја со која ќе пишуваат. Секој играч фрла по една коцка за да се одреди кој ќе започне. Играчот што ќе добие поголем број игра прв. Потоа првиот играч ги фрла двете коцки и ги собира добиените броеви. Збирот го претставува бројот на полиња што треба да ги обои или да ги означи на листот со својата боја. Истата постапка ја повторува и вториот играч.

Играта продолжува сè додека не се пополни поголемиот дел од листот. Победува играчот што прв ќе обои најголем број полиња во својата боја.

Активноста е најсоодветна за деца од шест до 10 години, а тежината може лесно да се адаптира на возраста и математичките способности на детето. Со оваа игра може да се вежба и множење.

Преку оваа игра се развиваат логичкото и математичкото размислување, се вежбаат брзината и точноста при собирање броеви до 12, се подобруваат концентрацијата и вниманието, се поттикнуваат стратешко размислување и планирање, се развиваат визуелната перцепција и просторната ориентација. Играта учи на почитување правила, трпение и прифаќање победа и пораз и ја зголемува мотивацијата за учење математика. Ова е едноставна, но многу ефикасна активност, која на забавен начин ги поврзува учењето, играта и социјалната интеракција.