ПОЛСКИОТ ПРЕМИЕР ДОНАЛД ТУСК ГО КРЕНА ГЛАСОТ ПРОТИВ „УНИЈА НА ДВА КОЛОСЕКА“ СО ПОРАКА ШТО СИЛНО ОДЕКНА НИЗ ЦЕЛА ЕВРОПА
- Полска отвори фронт против неформалните центри на моќ во ЕУ и го постави прашањето кој навистина одлучува во Европа
Изјавата на полскиот премиер Доналд Туск по состанокот на Европскиот совет во Брисел претставува еден од најдиректните политички предизвици кон сè почестата практика најважните европски прашања да се разгледуваат и обликуваат надвор од формалните институционални рамки на Европската Унија.
Кога Туск порача дека „Полска нема да прифаќа договори или аранжмани постигнати без нејзино учество“ и дека „ниту една група држави не може да зборува во име на целата Унија“, тој не испрати порака само за Украина или за актуелните безбедносни предизвици. Тој отвори многу подлабоко прашање, имено дали Европската Унија постепено се претвора во систем во кој постојат земји што одлучуваат и земји што само ги следат одлуките. Токму во тоа многумина ја препознаа суштината на неговата интервенција.
Формално еднакви, реално нееднакви?
Европската Унија е изградена врз принципот на суверена еднаквост на земјите членки. Според договорите на Унијата, секоја држава има свое место во процесот на донесување одлуки преку Европскиот совет, Европската комисија (ЕК) и Европскиот парламент.
Но во праксата веќе подолго време постои перцепција дека одредени клучни политики се обликуваат пред тие да стигнат до институционалните процедури.
Во центарот на тие неформални консултации најчесто се наоѓаат Франција и Германија, а во последните години сè почесто и Обединетото Кралство, иако повеќе не е членка на Европската Унија.
Токму затоа Туск особено ја нагласи потребата никој да не зборува во име на цела Европа.
Во неговата порака може да се препознае предупредување дека доколку најголемите сили претходно ги усогласуваат своите позиции и потоа ги претставуваат како европски консензус, тогаш формалната рамноправност почнува да ја губи својата суштинска смисла.
Индикациите за Европа од прв и втор ред
Тезата за постоење на „Европа од прв и втор ред“ не е нова. Таа се појавува во различни форми уште од проширувањата на Унијата кон Централна и Источна Европа.
Според нашите соговорници, дипломати од кариера, постојат неколку индикатори што ја потхрануваат оваа перцепција:
1. Концентрација на политичка иницијатива
– Во најголем број случаи големите геополитички иницијативи прво се појавуваат како француско-германски предлози, а дури потоа стануваат предмет на поширока европска дебата. Тоа создава впечаток дека едни од членките имаат привилегирана улога во креирањето на агендата, додека другите се повикуваат да се изјаснат за веќе дефинирани решенија – велат тие.
2. Неформални коалиции наместо институции
Второ, последните години станува сè почеста појавата одредени прашања да се разгледуваат во рамките на различни формати, самити и коалиции на заинтересирани држави.
– Иако таквите механизми може да бидат корисни за побрза координација, тие истовремено создаваат впечаток дека одлуките се подготвуваат надвор од официјалниот систем на ЕУ – изнесуваат нашите соговорници.
3. Маргинализација на источните членки
Натаму, земјите од Централна и Источна Европа често укажуваат дека нивните безбедносни процени биле потценувани или игнорирани сè додека кризите не станале очигледни за целиот континент.
– Ова чувство на политичка периферизација дополнително ја зајакнува тезата дека постои нерамнотежа во распределбата на влијанието – тврдат нашите брифери.
4. Брегзит без политичко повлекување
И последен во низата, но и не помалку важен индикатор е тоа што иако Обединетото Кралство ја напушти Европската Унија, неговото влијание врз европските безбедносни и надворешнополитички процеси останува значително.
– За многу европски престолнини токму тука се поставува прашањето: ако држава што не е членка учествува во обликување на европските позиции, додека некои членки се исклучени од тие разговори, дали тоа не создава дополнителна асиметрија во системот – прашуваат нашите соговорници, дипломати и меѓународно-политички аналитичари.
Полска повеќе не прифаќа споредна улога
Зад настапот на Туск стои и поширока геополитичка реалност, истакнуваат соговорниците.
– Полска денес е една од најважните европски сили во областа на безбедноста и одбраната. Нејзината економија е меѓу најбрзорастечките во Унијата, а нејзината улога во поддршката на Украина значително ја зголеми нејзината тежина во европските пресметки. Оттука, пораката од Варшава може да се чита и како барање за нова рамнотежа во рамките на ЕУ.
Полска повеќе не е подготвена да биде третирана како држава што треба да ги прифаќа одлуките на други центри на моќ. Таа бара статус што одговара на нејзината реална политичка, демографска и безбедносна тежина, со голема доза на сигурност во оваа теза – истакнуваат нашите брифери.
Судир на две визии за Европа
Во суштина, дипломатите сметаат дека и зад оваа дебата стојат две различни визии за иднината на Унијата. Имено, првата смета дека во услови на кризи Европа мора да се потпира на најмоќните држави што можат брзо да реагираат и да преземаат иницијативи.
Од друга страна, втората инсистира дека токму во време на кризи треба уште построго да се почитуваат институциите и процедурите, бидејќи тие се единствената гаранција дека сите членки ќе бидат третирани како рамноправни.
– Туск јасно застана на страната на втората визија. Неговата порака беше дека Европската Унија не постои за да ги легитимира однапред договорените ставови на неколку престолнини, туку за да обезбеди заедничко и рамноправно донесување одлуки – велат нашите соговорници.
Предупредување за иднината на европскиот проект
Можеби најважниот аспект од настапот на полскиот премиер е тоа што тој не ја критикуваше Европската Унија, туку токму спротивното – ја бранеше нејзината институционална суштина!
Неговата интервенција беше потсетник дека договорите, процедурите и институциите не се бирократска формалност, туку механизам што треба да спречи доминација на посилните над послабите.
– Доколку се создаде впечаток дека Европа се движи кон систем во кој мал број влијателни држави носат одлуки, а другите само ги потврдуваат, тогаш ќе се продлабочува недовербата меѓу членките и ќе се засилуваат центрифугалните тенденции во Унијата.
Токму затоа пораката од Варшава има значење што далеку ги надминува актуелните разговори за Украина. Тоа е предупредување дека иднината на Европската Унија нема да зависи само од нејзината економска или воена моќ, туку и од способноста да го зачува принципот врз кој е создадена – еднаквост на земјите членки и почитување на заедничките институции. Во таа смисла, настапот на Доналд Туск може да се покаже како „политички акцелератор“ за тоа дали Европа ќе остане унија на рамноправни, суверени држави, а не во наддржава, или постепено ќе се претвори во политички систем со членки од прв и втор ред – тврдат нашите соговорници, искусни дипломати од кариера и долгогодишни аналитичари на меѓународната политика и дипломатија. П.Р.
































