Фото: Министерство за здравство

ПЕТ-скенот од денеска повторно е во функција, а за снимање се закажани девет пациенти, информираше министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.

Тој посочи дека денеска е обезбедена неопходната количина радиоизотоп од Истанбул, а Министерството комуницира и со Софија за да обезбеди алтернативен извор на радиоизотоп, со цел ПЕТ-скенот да може да работи и во сабота.

-Денеска почна да работи ПЕТ-скенот и закажани се девет пациенти. Денеска е донесена неопходната количина радиоизотоп од Истанбул. Комуницираме и со Софија, бидејќи Истанбул работи од понеделник до четврток. Сакаме да обезбедиме и алтернатива на Истанбул за да можеме ПЕТ-скенот да работи и во сабота – изјави Клековски.

Според него, во изминатите години ПЕТ-скенот реализирал околу 2.100 до 2.200 снимања годишно. Минатата година бил постигнат рекорд од 2.700 снимања, што, како што рече, е приближно максималниот капацитет на една ПЕТ-камера.

Клековски информираше дека пред почетокот на редовното сервисирање годинава биле направени околу 1.100 снимања, а со забрзана работа се очекува бројката до крајот на годината да достигне меѓу 2.200 и 2.300 снимања.

Тој оцени дека, според искуствата од референтни земји, како Хрватска, потребно е Македонија да има капацитет за околу 5.000 до 6.000 ПЕТ-снимања годишно. ПЕТ-скенот, покрај кај онколошките и хематолошките пациенти, се користи и во неврологијата, но во моментот приоритет имаат пациентите со онколошки заболувања.

Клековски посочи дека онколозите располагаат и со други методи за следење на состојбата на пациентите и оти е потребно различни дијагностички методи да се користат во различни периоди, бидејќи ниту една метода не може да ги опфати сите состојби.

-Јас сум во комуникација со ПЕТ-центарот и со трите најзасегнати клиники – Онкологија, Хематологија и Неврологија – и работиме на тоа работата да се одвива непрекинато. Мораме да најдеме механизам, бидејќи секоја година има редовен сервис, покрај непланираните сервиси. Повеќе пати го зборувам тоа – треба да набавиме втора ПЕТ-камера и да имаме алтернативни планови за снабдување доколку циклотронот е во ремонт или се расипе – истакна Клековски.

На прашањето дали ќе продолжи да се снимаат по девет до десет пациенти дневно, министерот потврди дека тоа е планот.

-Да, сега се обидуваме да ја премостиме саботата, бидејќи центарот од Истанбул не може да испорача. Тој изотоп има краток животен век и мора да се врши дневна испорака. Работиме на тоа и се надевам дека набрзо ќе имаме позитивен одговор и од Софија – рече Клековски.

Тој додаде дека очекува наскоро да биде решен и проблемот со циклотронот.