Фото: МакеДокс

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 17-то издание
беше отворен на 20 август во Куршумли ан со традиционалниот поздрав со
кромид в рака од екипата кон публиката, која објектот Куршумли ан го исполни до
последно место.

Пред почетокот на филмската програма се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков
во име на целата екипа на „МакеДокс“.

– Од 20 до 27 август повторно сме заедно под мотото „Само сонот е стварност“.
Можеби звучи како бегство од реалноста, но за нас е токму спротивното.
Соништата се тие што нè тераат да ја менуваме реалноста – да создаваме, да
истражуваме, да се поврзуваме и да веруваме дека нештата можат да бидат
поинакви. А што е филмот, ако не сон што некој успеал да го претвори во
стварност на платното? Ова мото годинава има и едно посебно значење за нас.

„Само сонот е стварност“ е наслов на книга на една од нашите најзначајни
филмолози и филмски критичарки – Илинденка Петрушева, нашата Бабе – посочи
Набаков, а на неговите зборови се надоврза Сара Ферро: „Тоа што мојата баба
Илинденка сите ја викаат Бабе не е случајност, тоа зборува за нејзината широка
душа и нејзиното несебично споделување на своето знаење со сите луѓе, а
особено со младите кои почнуваат да се занимаваат со култура и филм. Бабе
беше еден од најголемите поборници и поддржувачи на овој фестивал. Нејзината
љубов и младешка жар кон културата, филмот, архивите, критиката, и пред сѐ
нејзината вечна љубов кон киното, е неверојатна и уникатна инспирација и нешто
што ни го вкорени на сите. Иако таа денес гледа филмови на друго место, во
некои вечни киносали, вредностите што ни ги остави ќе продолжат да живеат во
нас, и да ни бидат водечка сила за достојно да ја продолжиме нејзината мисија.

Документарниот филм е живо сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето
околу нас и за вистините кои понекогаш најдобро ги гледаме токму кога ќе се
изгаснат светлата и ќе се осветли платното. Нашата мисија е платното и
приказните што ви ги носиме да останат достапни за што повеќе луѓе“, рече
Ферро.

Здружение за промоција на документаристика „МакеДокс“
Бул. Партизански Одреди 93/4-3, 1000 Скопје
[email protected]; www.makedox.mk

– Фестивалот постои за својата публика, но постои и благодарение на својата
публика. Доаѓајте на „МакеДокс“. Гледајте документарни филмови. Поддржете нѐ.
Во следните осум дена ве каниме да сонуваме заедно во Куршумли ан, Сули ан,
пред Музејот на Македонија, но и низ целата дополнителна програма на
фестивалот во „Лабораториум“ и Албански театар. Да гледаме филмови. Да
разговараме. Да не се согласуваме секогаш. Да откриваме нови луѓе, нови
приказни и нови светови. И можеби барем за момент да поверуваме дека
стварноста може да изгледа малку поинаку – додаде Сара Ферро.

Филмската програма почна со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат
молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон
запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се
одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде Ланди и Мерцедес се
борат да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми
општествени немири. Принудени на болни разделби и тешки одлуки, тие се
обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на
истрајноста, љубовта и цената на опстанокот.

Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ беше изведен проектот „Концертно пијано
на Спејс докс едишн“ со Саша Латука и Емил Петро, а во полноќните часови со
свој диџеј сет настапи Зоки Бејбе.
Фестивалот „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на
Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на
Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на
Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“,
Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт,
Амбасада на Шпанија, Италијанска амбасада, Слoвенечкиот филмски центар,
Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за
ликовни уметности, Едукативен културен центар „Лабораториум“, Албански театар
– Скопје, Хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 17. „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија,
МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк),
Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ,
Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака,
Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк, Медуза, Екран.мк и
Паноптикум.мк.

Ваш,
МакеДокс