ФОТО: МИА

Центарот за јавно здравје Тетово денеска донесе одлука за прекин на епидемијата во Гостивар, откако е утврдено дека повеќе нема случаи на ентероколитис и стомачни проблеми поврзани со водата за пиење, информираше министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.

Според епидемиолошките податоци, во Гостивар веќе нема нови случаи на заболувања поврзани со загадената вода.

Одлуката следува еден ден по истекот на 30-дневната кризна состојба во Гостивар, која Владата ја прогласи на 20 јули поради загадувањето на водата за пиење и неможноста на локалната самоуправа да се справи со состојбата и епидемијата која зафати неколку илјади граѓани.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вчера информираше дека последните анализи покажуваат оти водата во Гостивар е чиста и безбедна за пиење.

-Со истекувањето на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП „Водовод“ од Скопје, се повлекуваат од контролата на квалитетот на водата. Сега е на ред локалната власт да се погрижи гостиварчани и понатаму да имаат чиста и безбедна вода за пиење – рече Ангелов.