Сите средства што се користат за прскање против комарци се безбедни за луѓето и се препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски, Пренесе МИА.
Тој посочи дека поради реакциите на граѓаните, прскањето понекогаш не се спроведува во оптималниот период, што влијае врз неговата ефикасност.
-Оптималното време за прскање е самрак, кога комарците се најактивни. Сепак, прскањата обично се вршат откако ќе завршат најголем дел од активностите на луѓето во населените места, со што се губи дел од ефективноста. Сакам уште еднаш да ја уверам јавноста дека сите средства се препорачани од Светската здравствена организација и дека нема средства што се користат, а се опасни по здравјето на луѓето. Средствата што се користеле во минатото и биле потенцијално поопасни одамна не се употребуваат. Во Македонија се почитуваат најновите препораки – рече Клековски.
Тој ги повика граѓаните да ги применуваат и мерките за лична заштита од комарци, додавајќи дека стои зад квалитетот и безбедноста на средствата што се користат.
Во однос на оценките дека прскањето не било доволно, Клековски рече дека досегашните активности покажуваат оти во најголем дел се преземени потребните мерки.
За ларвицидните третмани, како што објасни, се користат „Биопрен“ и препарат на база на бактерија која влијае врз развојот на ларвите. Според него, станува збор за две современи средства за контрола на ларвите на комарците.
Клековски посочи дека бактеријата со која било извршено последното ларвицидно прскање во Скопје е препорачана од грчкиот Институт за јавно здравје.
Како недостаток го посочи фактот што во Македонија во моментов нема таблети со бактерии наменети за третирање на септички јами.
-Такви таблети се користат во Грција и веќе ги идентификувавме. Во Македонија ги нема, па претпоставувам дека ќе работиме тие да станат достапни и кај нас, за граѓаните да можат да ги користат како индивидуална мерка за заштита. Ова е особено важно бидејќи голем број приградски населени места во Скопје сè уште немаат градска канализација – додаде Клековски.
Николина Соколовска од Центарот за јавно здравје увери дека средството што се користи за прскање против комарци е квалитетно и безбедно, а се произведува во Германија.
-Средството е квалитетно, а начинот на растворање и дозирањето се вршат согласно препораките од производителот, односно според упатството. Од таа страна немаме никакви сомнежи. Треба да обрнеме повеќе внимание на водените површини за да не дозволиме комарците да се размножуваат и шират. Тоа е најважно – рече Соколовска.


































