Вкупно 43 случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, а регистрирани се и првите случаи во општините Центар и Чаир. Во Скопскиот Регион се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се категоризирани како високоризични. Досега од болеста починале четири лица, пренесе МИА.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека започнала контролата на птиците, при што е регистриран првиот угинат гавран со потврдена западнонилска треска, пронајден во централното подрачје на Скопје, во близина на Вардар. Тој им се заблагодари на граѓаните кои пријавуваат угинати птици, кои потоа ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Клековски посочи дека целта на средбата со градоначалниците од скопскиот регион, претставниците на Град Скопје и Институтот за јавно здравје била дополнително да се идентификуваат ризичните и високоризичните подрачја. Според него, комарците вообичаено се движат во радиус од еден до два километри.
Како два главни критериума за утврдување на ризичноста, министерот ги посочи застојот на водата и високото ниво на органска материја.
-Река која е проточна и има риби сама по себе не претставува ризик. Штом водата е проточна, ризикот од ларви е помал, а доколку има жив свет, односно риби, нема многу органски и распадни материи, а рибите се хранат со ларви. Водата треба да биде застоена и да има отпад во неа – објасни Клековски.
Како високоризични ги посочи каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите исполнети со вода и мртвите делови од реките. Меѓу нив ги наведе Серава, каналите во Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ во Гази Баба, главниот канал на Водостопанство „Скопско Поле“, како и каналите во Драчево, Батинци и Студеничани.
Во високоризични подрачја, според Клековски, спаѓаат и улиците и населените места со голем број септички јами, гробиштата поради застојот на вода во вазните, како и местата каде што несоодветно се чуваат стари гуми.
Ризик можат да претставуваат и расипани хидранти, скршени јавни чешми, саксии со цвеќе оставени на отворено и стари буриња во кои се задржува дождовница. Заеднички фактор е присуството на застоена вода.
Клековски појасни дека правилното наводнување и прскање на парковите не претставува ризик. Сепак, доколку при наводнувањето се остави црево и дојде до создавање застој на вода, може да се создадат услови погодни за размножување на комарците.
Дел од високоризичните подрачја веќе се третирани. Според министерот, каналите во Драчево и Гази Баба се испрскани, а во тек се третмани и на други локации. Општините добиле задача теренски да ја проверат состојбата на ризичните подрачја.
Како пример го посочи рекреативното Езеро Треска. Доколку нема вода, според него, не претставува ризик, но доколку се формираат лагуни со застоена вода, ризикот се зголемува. Општина Сарај презела обврска да ја провери состојбата на терен.
Клековски најави дека со геомапирање ќе се идентификуваат дополнителните високоризични места, по што ќе се организира нивно прскање. Поради ограничениот капацитет на Центарот за јавно здравје, на располагање се ставени и 12 возила и пет дронови од здружението „Пест контрол“, како општествено одговорна активност.
Министерот информираше и дека завршува првиот круг на информирање на граѓаните преку СМС-пораки. Во координација со Центарот за јавно здравје ќе се одлучи дали зоната на информирање ќе биде проширена поради новите случаи регистрирани во Центар и Чаир.
Клековски посочи дека западнонилската треска потекнува од Африка, но денес вирусот е распространет и во Европа, Северна Америка и Јужна Америка. Тој нагласи дека појавата на епидемиите не следи фиксно правило, наведувајќи ги примерите со Албанија и Италија, каде што бројот на случаи значително варира од година во година.
Од Центарот за јавно здравје информираа дека дезинсекцијата од земја започнала во почетокот на јуни, веднаш по завршувањето на административните процедури поврзани со тендерската постапка. Спроведени се и ларвицидни и адултицидни третмани.
Николона Соколовска од Центарот за јавно здравје оцени дека и ларвицидната и адултицидната дезинсекција треба да започнуваат порано и да опфаќаат поголема површина.
Клековски информираше дека, според препораките од Грција, може да се користи Bacillus thuringiensis, кој ги таргетира ларвите на комарците и не ги засега другите инсекти.
Во моментов се врши прскање на застоените води, а каналите во Гази Баба и Драчево веќе се третирани. Се идентификуваат и дополнителни локации, кои ќе се третираат според степенот на ризик. Дополнително, се анализираат и сателитски снимки за да се следат промените на теренот и да се утврди кои од ризичните подрачја сè уште имаат застоена вода.


































