СК ВО ШАХОВСКИ Е-СПОРТ
- На СК учествуваа 22 врвни шахисти, а во големото финале Карлсен го победи младиот Белорусин Денис Лазавик и ја освои наградата од 250.000 долари
Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен убедливо ја одбрани титулата на Светскиот куп (СК) во шаховски е-спорт за 2026 година, кој се одржа во Париз, и ја освои паричната награда од 250.000 долари, како и победничкиот пехар. По 20 одиграни партии со темпо од 10 минути без зголемување, Карлсен не загуби ни една партија. Ѕвездата на тимот Ликвид се соочи во финалето со младиот ВМ од Белорусија Денис Лазавик (19) од тимот на АГ.АЛ и ги доби двата поединечни меча со 3-1, за да го освои својот втор трофеј на ЕСК по ланскиот. Претходно Карлсен ги победи и Андреј Есипенко, Ханс Ниман, Нихал Сарин и Алиреза Фирузја. И Лазавик влезе во финалето без загубена партија, елиминирајќи го Американецот Хикару Накамура од тимот Валконс, кој освои 145.000 долари. Накамура, кој и лани беше трет, водеше со 2-1 против ланскиот финалист, Французинот Фирузја, во мечот за трето место, но по техничкиот проблем (кратко снема интернет), Фирузја загуби уште една партија и повеќе не се врати да го доигра мечот.
На СК учествуваа 22 врвни ВМ, кои се натпреваруваат за вкупен награден фонд од 1.500.000 долари, додека е-спортските тимови исто така поделија награден фонд од 30 милиони долари. СК беше поделен во три главни фази: плејин, групна фаза и плејоф. Започна со двојна елиминациска плејин-група од осум играчи, каде што двајцата најдобри им се придружија на 14-те директни квалификанти во главната група. Потоа 16-те преостанати играчи се поделија во две групи од по осум, борејќи се преку двојна елиминациска група за да се одредат првите осум во генералниот пласман. Во два дена игра, првите осум играа во нокаут-група со една елиминација (четврт-финале, полуфинале и финале) за да го крунисаат шампионот на ЕСК. Во главната група се приклучија елитните шахисти, Накамура, Арџун Еригаиси, Фирузја, Јан Непомњашчи, Јан Кшиштоф-Дуда и Нодирбек Абдусаторов.
Онлајн шахот е повеќе од само поврзување на шахот со компјутер. Со алатки како инстант контрола на времето и пред потези, онлајн шахот всушност се менува од неговиот дигитален медиум. Ова ја прави играта различна од традиционалните варијанти на табла, што значи дека онлајн шахот бил е-спорт и пред да биде измислен терминот е-спорт. Оваа контрола на времето е еден од најбалансираните формати на шах, кој им нуди на играчите доволно време да ја покажат својата стратегиска брилијантност преку добро обмислени потези, додека одржуваат брзо темпо што ги прави мечевите возбудливи за игра и за гледање. Г.И.


































