Поранешниот министер за одбрана на Украина, Михајло Федоров, повикува на претседателски избори
Неодамна разрешениот поранешен министер за одбрана на Украина, Михајло Федоров, повика на претседателски избори во најдиректниот политички предизвик кон Володимир Зеленски од почетокот на војната против Русија во 2022 година. Федоров (35), чие ненадејно разрешување минатиот месец предизвика бран протести во земјата, во видеообраќање објавено во вторникот рече дека Украина мора да „обнови целосен демократски процес, дури и во услови на продолжена војна“. Иако не го спомена Зеленски по име, Федоров сугерира дека сегашниот претседател претседава со слабо функционална држава, која се бори да се справи со корупцијата и покрај националната вонредна состојба.
– Особено е опасно кога општеството развива чувство дека главниот критериум за назначување не се професионализмот, резултатите или способноста за трансформација на земјата, туку личната лојалност кон системот. Луѓето не можат бескрајно да живеат во држава каде што не разбираат зошто се донесуваат одредени одлуки. Зошто некои реформи се движат напред, додека други се блокирани – рече Федоров, тврдејќи дека Украина би можела да одржи национални избори во време на војна.
Федоров беше министер за дигитални услуги на Украина од 2019 година до јануари годинава, пред краткиот мандат како министер за одбрана до јули. Но тој ненадејно беше отстранет од Зеленски во реконструкцијата на владата по расправијата со воениот командант генерал Олександр Сирски. Потоа следуваа улични протести што доведоа до разрешување на Сирски, но немаше знаци дека Федоров ќе биде вратен на функцијата. Зеленски официјално го номинираше Јевгениј Хмара, вршителот на должноста министер за одбрана, да ја преземе функцијата трајно, по што назначувањето на Хмара беше потврдено вчера од украинскиот парламент.
Изборите суспендирани и покрај апелите за нивно одржување
Изборите се суспендирани во Украина откако беше воведена воена состојба во 2022 година, додека петгодишниот мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година. Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно побара Украина да одржи избори.
Артем Бронжуков, украински политички аналитичар, се запраша дали би било практично да се одржат избори со оглед на тоа што војната продолжува.
– Денес нема јасно разбирање за тоа како да се осигури безбедноста на луѓето во контекст на целосна војна – вели Бронжуков.
Аналитичарот додава дека „постоел мошне длабоко вкоренет став во украинското општество дека изборите се неопходни, но само откако ќе заврши најтешката фаза од војната и дека земјата останува завојувана демократија, што било потврдено токму со протестите што се одржаа по оставката на Федоров од владата“. Критичарите инсистираат дека ќе биде невозможно да се организираат избори во време на војна, односно дека нивното одржување ќе внесе поделба меѓу народот.
Доколку Украина реши да одржи избори, ќе треба да најде решение за фактот дека милиони се протерани и раселени од почетокот на војната и дека повеќе од еден милион граѓани служат во вооружените сили, од кои многумина се на фронтот. Околу една петтина од територијата на земјата исто така е под руска контрола.
Анкетите навестуваат изборен пораз на Зеленски
Анкетите спроведени на почетокот на месецов покажаа дека поранешниот министер би бил трет според поддршката во евентуалниот прв круг од претседателските избори со 13,1 отсто од гласовите на испитаниците, зад Зеленски со 22,3 отсто и поранешниот началник на вооружените сили, кој сега е амбасадор на Украина во Велика Британија, Валериј Залужни, со 21,4 отсто. Истото анкетирање, спроведено од центарот за социјални истражувања „Социс“, исто така заклучи дека Зеленски потоа ќе биде поразен во вториот круг од изборите и од Федоров и од Залужни. Украина користи двостепен систем на гласање.
Државната корупција го зголемува притисокот врз Зеленски
Корупцијата за време на војна не е само финансиски проблем туку прашање на способноста на Украина опстане, според поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров.
– Мора да зборуваме и за корупцијата. Не затоа што е популарен збор, туку затоа што за време на војна, корупцијата добива сосема поинакво значење – рече Федоров во своето обраќање, додавајќи дека средствата украдени за време на војна можат да резултираат со неиспорачување дронови, муниција, возила или технологии.
Тој нагласи дека секоја гривна што треба да биде ставена во функција за одбрана мора да работи за одбрана наместо да оди во приватен џеб, за купување политичко влијание или за задржување на позициите.
Украинските антикорупциски агенции завчера објавија дека започнале истрага насочена кон „криминална организација“, при што операцијата вклучува сегашни и поранешни пратеници и високи функционери од претседателската канцеларија. Зеленски вчера ја разреши Ирина Мудра од функцијата заменик-шеф на неговата канцеларија, неколку часа откако антикорупциските надзорници го претресоа нејзиното работно место како дел од широка истрага за наводна криминална организација.
Минатата година, Зеленски потпиша закон за одземање на процедуралната независност на националните антикорупциски надзорници на Украина, за потоа да ја повлече таа одлука кога се соочи со критики од ЕУ и протести дома. Подоцна, неговиот поранешен деловен партнер и сојузници беа вмешани во корупциска шема од 100 милиони долари во државниот сектор за нуклеарна енергија – скандал што го принуди Зеленски да го отпушти својот верен втор човек, Андриј Јермак, кој беше обвинет за корупција и му се суди. Неколку од главните сојузници на Зеленски исто така се под истрага за корупција, вклучувајќи ја и поранешната украинска амбасадорка во САД, Олга Стефанишина, додека надзорните тела се жалат дека сè уште се соочуваат со огромен притисок и надзор кога истражуваат врвни функционери. Р.С.


































