Tрилогија: Уредничка опсервација

1. Трендот на ретуширање на националната историја продолжува и внатреинституционално?!

  • Тетово повторно станува сцена на битка за имињата, но зад административната процедура за преименување улици се отвора многу посериозно прашање: Кој си зема право да ги менува јавната меморија и историјата на Македонија и кој се дрзнува да не ги почитува Уставот и законите? И да остане неказнив?!

Работната група во Општина Тетово веќе утврди 74 предлог-имиња за улиците, меѓу кои личности од албанската и македонската историја, култура и спорт. Процесот следува откако Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година за претходното преименување на повеќе тетовски улици за кои утврди спротивност со Уставот.
За потсетување, на 17 јуни 2026 година, во предметот УЗ. бр. 10/2025, Уставниот суд ја укина Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година со која биле променети имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во општината. Одлуката била објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007. Уставниот суд заклучил дека донесувањето на одлуката без задолжителната владина согласност претставува повреда на начелото на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и на членот 51 од Уставот, според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Но реакцијата овој пат не доаѓа само од позиција на (највисок) уставноправен надзор и контрола во името на Уставниот суд поврзано за почитување на уставноста и законитоста. Таа доаѓа од едно локално здружение на граѓани, имено од Сојузот на борците од Тетово, кој на еден високосвесен начин реагира и алармира до државните институции заради „заштита на историјата, традицијата, културата…“, а над сѐ заради „заштита и почитување на Уставот и законите на својата држава“!
Имено, Сојузот на борците од Тетово на 19 август во својата реакција меѓу другото побара и законски измени со кои експлицитно би се забранило јавни објекти да носат имиња на личности или организации поврзани со фашизам, нацизам и тероризам. Побарано е и Комисијата за имиња да има задолжително и обврзувачко мислење во постапката.

Сојузот на борците предупредува дека меѓу предложените имиња (за преименување инфраструктурни објекти во Тетово) има и личности што биле соработници на фашистичкиот окупатор.(?!) Исто така, во реакцијата на Сојузот на борците е посочено и името на Фадил Сулејмани, за кого е врзан фактот дека јавно, во многу наврати (се споменува неговото познато интервју во Софија), го негирал постоењето на македонскиот народ.
Од друга страна, горенаведената „работна група во Општина Тетово“ најавува дека новите имиња ќе ги опфатат и улиците на кои живеат Македонци, при што некои од досегашните југословенски називи би биле заменети.
– Токму тука е суштината на проблемот. Во демократска држава историското паметење не може да биде приватна сопственост на една етничка заедница, ниту локалната власт може јавниот простор да го претвори во инструмент за еднонационална политичка порака. Именувањето улици е симболичка политика. А симболичката политика, кога се води без институционални и историски филтри, со непочитување на правната држава, Уставот и законите, станува политика на анархија, на антидемократија… Затоа барањето на борците за законски филтер отвора една принципиелна дилема. Имено, ако постои законски филтер (закон) за јавни здруженија и клубови поврзани со фашистички идеологии, зошто истиот принцип да не важи и за јавните простори – вели наш соговорник, правник и поранешен советник во Општина Тетово.
Тој нѐ информира за новонастанатата ситуација по овој основ во Тетово, за што пишувавме и во изминатиот период.
– Антифашизмот не може да биде селективен. Ниту историската меморија може да биде етнички ексклузивна. Тетово затоа не решава само список на улици. Тетово решава дали јавниот простор ќе биде заедничка меморија или нова граница меѓу заедниците – поентира нашиот соговорник, додавајќи дека засега граѓанското здружение Сојуз на борци застана на браникот на уставноста и законитоста, која локалната самоуправа се обидува на секој начин да ја заобиколи. П.Р.


2. Од преименување локални инфраструктурни објекти до прекројување на државниот, уставноправен модел

Обиди за аплицирање модели за нефункционалност на институциите и државата

  • Спорот околу имињата на тетовските улици е само појавен феномен на една многу поширока и подлабока политичка појава. Преименувањето на инфраструктурните објекти во локалната самоуправа е обид етничката припадност повторно да стане главен организатор на јавниот простор, на институциите, и демонстрација на политичка моќ. Таквиот модел можеби носи краткорочни политички поени, но долгорочно произведува нефункционални институции и држава, бидејќи претставува флагрантно кршење на правната и политичката архитектура на државата

Македонија е унитарна држава со мултиетничко општество. Тоа се две работи што не смеат да се поставуваат една спроти друга. Унитарниот карактер не значи етничка униформност. Напротив, тој треба да обезбеди една институционална рамка за различните заедници. Проблемот настанува, или се наметнува, тогаш кога правото на културна и етничка афирмација се претвора во барање за политичка и просторна ексклузивност, што е исклучително препознатливо, дури и ексклузивно кај една етничка, малцинска заедница – во дел од албанскиот кампус, а секоја чест на исклучоците, легалисти и принципиелни поединци и групи што не му припаѓаат на споменатиот мејнстрим. Но, за жал, преовладува првоспоменатото. И во континуитет, со природни пикови и падови на етноцентристичките амбиции, се случуваат саботажи на системот. Тогаш улицата повеќе не е само улица. Таа станува ознака: „ова е наш простор“. Училиштето повеќе не е само училиште. Станува паралелен институционален свет. Локалната власт повеќе не се доживува како дел од државниот систем, туку како власт што треба да ја изразува исклучиво „својата“ заедница.

Таквата логика неминовно води кон сегрегација на јавниот простор, а крајната политичка последица е сецесионистичка свест – не нужно секогаш како отворено барање за отцепување, туку како постепено убедување дека државата е само збир од етнички територии. Токму затоа локалната самоуправа во унитарна држава не може да биде „власт сама за себе и заради себе“. Таа има автономија во рамките на законите, но не и право да создава сопствена политичко-историска реалност спротивна на државниот институционален поредок. Оваа дилема е директно отворена и во анализите за тетовското преименување. Од друга страна, ниту спротивниот екстрем не е решение. Македонија не може да гради стабилно општество доколку поединци (за среќа, општествени маргиналци) го негираат културниот идентитет на Албанците или на која било друга заедница. А државата, институциите, Уставот, законите, како и најголемото мнозинство граѓани во Македонија, апсолутно не го прават тоа. Затоа вистинската линија на поделба не треба да биде Македонци против Албанци или против другите малцинства. Туку институции против паралелни системи. Уставното и законското право против етничката привилегија. Историската вистина против политичкиот ревизионизам. Заедничкиот јавен простор против етничкото обележување на територијата.
Ако оваа граница не се постави навреме, секое следно преименување ќе биде само ново поглавје во процесот на институционално раздвојување. Македонија не може да биде стабилна ако секоја заедница почне да создава сопствена историја, сопствени херои, сопствен јавен простор и сопствена политичка вистина. Мултиетничноста е сила само ако има заедничка државна рамка. Без неа, мултиетничноста може да се претвори во трајна институционална нефункционалност. П.Р.


3. Од Тетово до Хаг

Време е за крај на политиките на воените рецидиви

  • На Балканот сè уште не е завршена битката меѓу две политички визии. Едната ја гледа иднината во институциите, економскиот развој, интеграцијата и индивидуалните права. Другата сè уште ја црпи политичката енергија од етничката мобилизација, историските митови и романтизирањето на конфликтите

Тетово е локален пример за досега елаборираната дилема, имено гореспоменатата битка меѓу „две политички визии“. Но Косово е нејзиниот многу посериозен регионален контекст. Таму Специјализираните совети во Хаг продолжуваат со постапките против поранешните лидери на ОВК. Во февруари 2026 година обвинителството побара затворски казни за косовскиот воен лидер на УЧК, Хашим Тачи, и другите обвинети, во процес поврзан со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Во мај беше објавено и дека рокот за донесување на пресудата е продолжен. Тоа е важен сигнал: ниту една национална кауза не може автоматски да стане амнестија за извршени злосторства. А во тоа се огледа и најважната поука и за регионот, вклучувајќи ја и Македонија.

Европската и американската политика кон Западен Балкан постепено се поместува од романтизирање на „локалните силни играчи“ кон барање функционални институции, политичка одговорност и предвидливи држави. Не станува збор за тоа една етничка заедница да биде „казнета“. Станува збор за тоа политиката конечно да престане да ги наградува оние што најгласно ја мобилизираат етничката припадност. За Македонија тоа е особено важно. Постконфликтниот политички модел не може бесконечно да се одржува со логиката на етнички клуч, на позитивна дискриминација, на „наши“ и „ваши“!? Не може секоја нова генерација на политичари повторно да го отвора конфликтот за да ја консолидира сопствената власт! Потребна е промена на генерацијата, но пред сè промена на политичката матрица кај дотичните. Од воена и етничка легитимација кон институционална легитимација. Од територијална етничка логика кон заедничка, национална државност. Од историски реваншизам кон критичко паметење. И од паралелни политички системи кон една функционална држава. Зашто најопасниот балкански политички рецидив не е само „старото оружје“ (идеја).

Тоа е старата идеја дека етничката припадност дава право на одвоена држава во сопствената државата!? Или одвојување територија во насока на етаблирање мегаломоноетничка творба!? Токму таа идеја Европа одамна се обидува да ја надмине.
Ако ние сакаме заедно Македонија да биде функционална држава, унитарна државна заедница со одлика на мултиетничко општество, тогаш нашиот одговор не може да биде нова етничка мобилизација, туку посилни институции. Ете затоа тетовските улични табли се многу повеќе од табли. Тие се тест дали Македонија, па и Балканот, конечно ќе почне да ја пишува иднината наместо повторно да ја препишува војната. П.Р.