Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во земјава е регистриран првиот случај на Зика вирусна инфекција. Според проценките на здравствените власти, во моментов ризикот за населението е низок.
Од ИЈЗ информираат дека на 17 јуни 2026 година е добиен конфирматорно позитивен наод за Зика вирусна инфекција од Одделението за вирусологија.
Пациентот бил контактиран од надлежен епидемиолог, по што му биле препорачани соодветни превентивни мерки.
Според епидемиолошката анкета, заразеното лице престојувало на Малдивите во периодот од 20 до 28 мај годинава, каде што било каснато од комарец. По враќањето во земјава, поради појава на симптоми, се јавило на преглед на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде првично постоело сомневање за денга треска.
Првите симптоми се појавиле на 24 мај и вклучувале треска, болки во мускулите и зглобовите и лесно покачена телесна температура. Четири дена подоцна се појавил и карактеристичен осип. Направените лабораториски анализи за денга, Зика и чикунгуња во ИЈЗ покажале позитивен серолошки и молекуларен наод за Зика вирус.
Пациентот не бил хоспитализиран, туку е упатен на домашно лекување и моментално е во добра здравствена состојба.
Од ИЈЗ посочуваат дека станува збор за импортиран случај, но предупредуваат дека поради зголемениот број патувања кон тропски дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и Карипскиот регион, постои можност за појава на нови случаи внесени од странство.
Дополнителен ризик претставува и присуството на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus) во повеќе европски земји, кој може да биде преносител на вирусот.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) редовно регистрира случаи на Зика кај патници кои престојувале во ендемски подрачја, додека Светската здравствена организација предупредува дека внесувањето на вирусот во области каде што е присутен овој вид комарец создава потенцијал за локално пренесување.
Од ИЈЗ нагласуваат дека ризикот за граѓаните во Македонија во моментов останува низок и може дополнително да се намали со примена на мерки за заштита од убоди од комарци и почитување на здравствените препораки.
Зика е вирусно заболување што најчесто се пренесува преку убод од инфициран комарец од родот „Aedes“, но можно е пренесување и по сексуален пат, од мајка на плодот за време на бременоста, како и преку трансфузија на крв.
Инкубацијата трае од 3 до 14 дена, а симптомите најчесто се лесни и вклучуваат осип, покачена температура, конјунктивитис, главоболка, болки во мускулите и зглобовите. Сепак, околу 80 проценти од заразените лица немаат никакви симптоми.
Особено значајна е опасноста од инфекција за време на бременоста, бидејќи вирусот може да предизвика сериозни вродени аномалии кај плодот, вклучувајќи микроцефалија, како и предвремено породување или спонтан абортус.



































