Фото: Маја Јаневска Илиева

Новите членки на Европската Унија би можеле привремено да имаат ограничено право на вето во одредени клучни области, врз основа на нови „заштитни“ клаузули што би биле вклучени во пристапните договори на секоја земја поединечно, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.

– Ова ќе биде нова генерација пристапни договори, во смисла дека ќе имаме нови заштитни механизми – рече Кос, пренесе „Еурактив“.

Таа наведе дека целта на новите клаузули е да се обезбеди идните членки да продолжат да ги почитуваат европските правила и пет, десет или петнаесет години по пристапувањето во Унијата.

Кос истакна дека новите одредби не значат воведување второкласен или придружен статус за идните членки.

– Полноправното членство ќе биде можно дури кога државите ќе ги исполнат сите услови. Не постои половично или четвртина членство. Постои само полноправно членство – порача европската комесарка за проширување.

Франција, Германија, Холандија, Белгија и Луксембург минатата недела побараа воведување нови заштитни клаузули, со цел идните членки да не можат да ја загрозат способноста на Европската Унија да дејствува.

Според „Еурактив“, со најавата за вакви клаузули Кос ги поддржала предлозите што ги заговараат Франција, Германија и уште неколку земји членки, а кои се однесуваат на можни ограничувања во одлучувањето за прашања поврзани со буџетот, безбедноста и надворешната политика.

Идејата за нови заштитни механизми доаѓа во време кога сè повеќе влади во ЕУ бараат дополнителни гаранции дека идните членки и по приемот ќе продолжат да ги почитуваат реформите во областа на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите.