Британскиот јавен сервис Би-би-си следната недела се очекува да објави укинување на неколку стотици работни места во информативниот сектор, како прв чекор од поширокиот план за намалување на трошоците.
На секторите во медиумската корпорација им е наложено да ги намалат трошоците за околу 10 проценти, со цел да се заштедат стотици милиони фунти, објави „Фајненшл тајмс“. Според извештајот, во рамки на поширокото преструктурирање се очекува да бидат укинати до 2.000 работни места.
Бидејќи најголем дел од трошоците во информативниот сектор се однесуваат на плати, се очекува токму овие тимови да бидат посилно погодени од кратењата во споредба со други делови од корпорацијата, каде што дел од заштедите може да се постигнат и без отпуштања.
Во меѓувреме, британската Влада разгледува промени во моделот на финансирање на Би-би-си. Една од опциите е проширување на обврската за плаќање ТВ-претплата и на корисници на приватни стриминг-платформи.


































