Собранието попладнево едногласно го усвои Кодексот за етичко однесување на пратениците, додека расправата за Предлог-законот за соодветна и правична застапеност предизвика остра политичка дебата, пренесе МИА.
Во рамки на 104. седница, Кодексот беше донесен со 82 гласа „за“, без ниту еден глас против или воздржан.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека со Кодексот се утврдуваат основните принципи и стандарди на етичко однесување на пратениците во законодавниот дом.
Тој посочи дека документот е доработен со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ).
Пратениците ја започнаа и расправата за Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, кој Владата го предлага како системско решение по укинувањето на т.н. балансер.
Образложувајќи го законот, вицепремиерот за европски прашања Беким Сали оцени дека станува збор за историско законско решение со кое, по 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, принципот на правична и соодветна застапеност за првпат се регулира со закон.
– Овој закон има за цел правичната застапеност и меритократијата да одат заедно. Станува збор за решение усогласено со препораките на Венецијанската комисија и европските стандарди – рече Сали.
Тој нагласи дека законот предвидува механизми за следење на неговата примена, како и политичка одговорност за раководителите на институциите кои нема да ги почитуваат законските одредби.
Сали ги повика сите пратеници да го поддржат законот, оценувајќи дека принципите од Охридскиот договор не се сопственост на ниту една политичка партија, туку обврска кон граѓаните и државата.
Предлог-законот, сепак, наиде на критики од дел од опозицијата. Партиите на Албанците во опозиција тврдат дека со него се намалуваат веќе стекнатите права, додека пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, оцени дека законското решение е концепциски погрешно поставено.
Законот се разгледува во редовна постапка, а претходно за него беше одржана и јавна расправа во Собранието.



































