Презентирана платформата АРБУ за рангирање на балканските универзитети
- Презентацијата на АРБУ ја отвори дебатата за рангирањето на македонските универзитети, нивната научна продуктивност и потребата од
системски реформи за поголема конкурентност во регионот
Дискусијата за состојбата и иднината на високото образование во Македонија и во регионот, како и за потребните реформи за напредок, беше отворена со презентацијата на платформата за Академско рангирање на балканските универзитети (АРБУ), која се одржа завчера во Стопанската комора на Македонија.
Претседателот на АРБУ, проф. д-р Марјан Бојаџиев, ја претстави методологијата заснована на цитати и продуктивност по професор, нагласувајќи дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има 968 професори и 341.852 цитати, но сепак заостанува зад универзитетите во Загреб, Белград и Љубљана.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави поддршка за иницијативата и истакна дека Владата ќе работи на зголемување на истражувачката продуктивност и интернационализација на универзитетите. Настанот исто така беше збогатен со обраќања на домашни и меѓународни експерти. Со своето искуство во медицинските и економските науки, д-р Сашко Кедев дополнително ја продлабочи дискусијата.
Потребни се системска анализа и суштински реформи
Претседателот на АРБУ, Марјан Бојаџиев, истакна дека Македонија нема универзитет во топ 50 рангирањето и дека тоа е сериозен проблем што бара системска анализа. Тој посочи дека само мал процент од Централна Европа (Загреб, Љубљана, Сплит и Белград) успева да се пробие меѓу топ 50 универзитети што водат кон топ 50 економии во светот. Дури и Франција, иако е седма економија во светот, нема универзитет во топ 50, што покажува дека рангирањето не зависи само од економската сила на државата туку и од посветеноста на истражувањето и академската продуктивност.
Бојаџиев нагласи дека најрелевантни во Европа се три големи рангирања – „Кју-ес“ (QS), „Тајмс хајер еџикејшн“ (Times Higher Education) и Шангајската листа (ARWU). Секое од нив има различни критериуми, но истражувачкиот аспект е најзначаен и токму тука Македонија заостанува.
– Нашиот најголем универзитет УКИМ има околу 397 илјади цитати, додека конкурентите од регионот како Крагуевац и Ниш веќе го надминуваат. Универзитетите во Загреб и Љубљана имаат милионски бројки на цитати, што ја покажува разликата во научната продуктивност – истакна проф. д-р Бојаџиев.
Заклучокот, според Бојаџиев, е јасен: ако во наредните години не се направат суштински промени, Македонија нема да може да се приближи до врвот. Потребни се системски реформи, поддршка за истражувачите, јасни критериуми за напредување и интернационализација на академската работа. Само така може да се создаде универзитет што ќе биде конкурентен и видлив на глобалната сцена.
АРБУ ја открива актуелната состојба на македонските универзитети
АРБУ ја открива комплексната слика на македонските универзитети, каде што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува убедливо прв на национално ниво со 341.852 цитати, повеќе од сите други институции заедно, но со ефикасност од 353 цитати по професор, што го става далеку зад водечките регионални конкуренти. Зад него следува Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, со 109.063 цитати, а Југоисточниот европски универзитет (СЕЕУ) е трет, со 46.486 цитати и повисока ефикасност од УКИМ. Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот во Тетово ги заокружуваат првите пет, но нивните резултати остануваат скромни. Помалите институции, иако со ограничен број професори, понекогаш покажуваат висока продуктивност – Европскиот универзитет со само тројца професори бележи 364 цитати по професор, најмногу во земјата, додека Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИСТ) има 186 цитати по професор.
По научни области, УКИМ доминира во медицинските науки со 175.861 цитат, во природните науки со 41.188 и во инженерството со над 132.000, но Универзитетот „Гоце Делчев“ изненадувачки води во хуманистичките науки со 6.867 цитати, пред УКИМ и Универзитетот во Тетово. Во економијата и бизнисот, пак, СЕЕУ е лидер со 23.250 цитати, пред УКИМ и „Гоце Делчев“, додека во општествените науки УКИМ е прв, но СЕЕУ и Американ колеџ Скопје (УАЦС) се издвојуваат како значајни играчи. Сликата што ја дава ова рангирање е јасна: македонските универзитети имаат силни поединечни резултати и области на доминација, но системски заостануваат зад регионалните конкуренти. УКИМ останува национален столб, но со ниска ефикасност, додека помалите универзитети демонстрираат потенцијал за висока продуктивност.
Македонското високо образование се обидува да одржи чекор во регионот
Според резултатите од АРБУ, најголемиот државен универзитет – „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) – во 2025 година се најде на 12-то место во регионот, зад универзитети од Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Истражувањето, кое користи библиометриски податоци од „Гугл сколар“ (Google Scholar), покажува дека македонските институции заостануваат во научната продуктивност и меѓународната видливост. Додека универзитетите во Загреб, Белград и Љубљана бележат двоцифрен раст на цитати, УКИМ бележи зголемување од 8,19 отсто.
– Универзитетот не само што не напредува туку постепено губи чекор со регионалните конкуренти – се наведува во студијата.
На национално ниво, УКИМ останува доминантен со повеќе цитати од сите други македонски универзитети заедно. Сепак, разликата во ефикасноста е очигледна: Универзитетот во Крагуевац, Србија, остварува 1.212 цитати по професор, додека УКИМ има 213. Во рамките на Македонија, зад УКИМ следуваат Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Југоисточниот европски универзитет (СЕЕУ) и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Но, ниту една институција не успева да се пробие во врвот на регионалната листа.
Авторите на истражувањето предупредуваат дека без сериозни реформи во истражувачкиот капацитет, интернационализацијата и управувањето со институциите, македонското високо образование ќе остане неконкурентно.
– Системот е признаен како квалитетен, но е оптоварен со тешкотии што го спречуваат напредокот – се заклучува во трудот.
Оваа анализа ја става Македонија пред јасен предизвик за вложување во реформи што ќе ја вратат на академската мапа на Балканот и пошироко.
Новиот закон за високо образование како темел за системски промени
Министерката за образование и наука на Македонија, Весна Јаневска, изјави дека од претходниот закон до 2018 година имало мал напредок. Таа нагласи дека сега мора да се подготви ново законско решение, кое ќе оди по соодветна процедура. Според Јаневска, недостигот од вистинско подобрување во високото образование бара суштински и системски промени. Целта не е само да се добијат македонски универзитети меѓу првите 500 на Шангајската листа туку да се изградат универзитети што ќе придонесуваат за национален развој, ќе образоваат студенти подготвени за предизвиците на 21 век и ќе создаваат наука што е основа за развој на целото општество. Таа потсети дека веќе се работи на промени во регулативата, на обезбедување поголем буџет за високото образование и истражувањата, но и на достоинствен третман на професорите и подобрување на условите за нивната работа.

































