Премиерот Христијан Мицкоски најави дека следната недела ќе ги почне разговорите за најавената реконструкција на Владата, која, потенцира денеска во изјава за медиуми, влегува во втората половина на мандатот и политички умно е да биде подготвена на секакви сценарија, како што се и предвремени парламентарни избори.
– За брзо време веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, коишто нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси. Сме кажале дека наша опција што ја префереираме како Влада е редовни избори во 2028 година, но сме подготвени секогаш доколку тоа опозицијата го бара да излеземе на терен и повторно да победиме – рече Мицкоски, на новинарско прашање за исходот од средбата на претседателката Гордана Силјановска со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова и ставовите за новите барања од Софија.
Како што најави, од следната недела ги започува разговорите со коалициските партнери за реконструкцијата на Владата.
– Најпрвин сакам да ја слушнеме визијата, да видиме дали таа визија се поклопува, па дури потоа можеме да зборуваме за кадровски структури – изјави Мицкоски.
Во однос на кадровските освежувања во ВМРО-ДПМНЕ најави дека покрај новиот состав на Извршниот комитет и новите претседатели на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во партијата ќе дојдат освежувања и во другите структури на партијата: Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани, Патриотскиот институт. Остануваат, посочи, мали финеси кои ќе треба да се да се доусагласат и очекувам најдоцна следната недела и тоа да го завршиме, рече Мицкоски.
На синоќешните седници на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ беа донесени одлуки за тројца нови членови на ИК и претседатели на над 30 општински комитети.
– Реструктуирањето на ниво на општински комитети и структура во партијата е завршено. Станува збор за триесетина проценти нови луѓе коишто коишто сега добиваат можност да покажат, да работат, не само за партијата, најважно е да работат за државата. Така што, на овој начин остануваат уште некои мали финеси да се да се доусогласат во следната недела и јас очекувам уште тие мали финеси да бидат усогласени – посочи премиерот Мицкоски, кој присуствуваше на пуштање во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.


































