- Откако се насобраа многу пациенти што чекаат да влезат кај специјалистот во Брисел, во погон е ставена тајната дипломатија, која бара некое ефикасно решение, како што еднаш им порача претседателката Сиљановска-Давкова „бидете инвентивни“, и тоа е на видикот. Содржано е во нон-пејпер на Мерц и Макрон, но, гледај чудо, се појавуваат уште тројца актери. Дали е во игра уште еден нон-пејпер?!
- Во чекалницата, покрај пациентите од Западен Балкан, сега влегоа и од „источното партнерство“ Молдавија и Украина, а што бараат таму еден Грк и еден Бугарин?! Постојат причини за тоа!
Се случи и тоа – во чекалницата на болницата на ЕУ се насобраа многу пациенти. Метеж. Некој не го почитувал мој термин, некој влегол прекуред, некој со врски, а некои се обидуваат да влезат и со мускули. И ете ти метеж. А во чекалницата на ЕУ, како и во секоја чекалница, сите се едно – пациенти. И како такви, значи медицински случаи, можеби и здрави, ама третирани како болни, бидејќи кој здрав оди во болница, тие си зборуваат раскажувајќи секој за своите маки, некој дава совети, некој препораки за надрилекари, масери и вадачи на уроци и магии. Како и да е, навистина има што да се чуе од тие луѓе, но метеж е, нервоза, кој сега прв да влезе кај специјалистот зашто доаѓа крај на работното време. Е кој, де? Чека една Македонија 22-23 години, чека и Србија, ќе се начекаат и Босна и Косово (во меѓувреме треба да стане целосна држава со сите нишани, ако стане), па Црна Гора, на која едната нога ѝ е во гипс, но другата здрава, па може со една нога да влезе кај докторот, таму е и Албанија, а метежот го направија новодојденците од Истокот – Украина и Молдавија, а велат качена на магаренце јава кон Брисел и Ерменија. Кој остана во редот за прегледи? ЕУ ќе им стане конкуренција и на НАТО и на ОБСЕ, па и на Советот на Европа?! Паневропска Европска Унија. Машала.
Ете, вака си зборуваат пациентите во европската болница, но, за чудо, таму како редари се поставени еден Грк и еден Бугарин, кои имаат и свои заменици ако затреба. Го надгледуваат редот, т.е. процесот на европска интеграција. Тие ако некој направи чекор напред, му се закануваат со вето. Во Брисел тоа го викаат „ветократија“. Мене ништо посебно не ми значи, но можеби затоа понекогаш чувствувам некои необјасниви болки, за кои мојот комшија киропрактичар ми вели дека е од времето.
Вака зборуваат редовните пациенти, а што зборуваат политичарите? Тие нас повторно нѐ збунија, иако, мора да се признае, покажаа дека можат да бидат инвентивни, да смислат нешто ново што никој жив нема да го разбере до последната секунда од напнатиот филм. Ќе чекаме. Па, толку чекавме, ќе чекаме и сега да видиме што е овој нон-пејпер, или можеби се веќе два. Едниот француско-германски, а другиот малку проширен со уште три стари членки на ЕУ. Овој нон-пејпер кажува дека сега под полна пареа работи тајната дипломатија околу потребата на каков-таков начин на овие пациенти да им дадат шанса барем ако не низ врата, туку тогаш низ клучалката да се обидат да влезат во куќата на ЕУ. Не е невозможно, но едно е низ врата, друго е со калауз. Како и да е, важно е да влеземе внатре, да апнеме малку од таа шведска маса, од европскиот мед и путер, да го искористиме тој голем пазар, а кога ќе дојде време европското семејство да решава важни работи, нам ќе ни дадат сиктер-кафе и ќе си излеземе надвор. Така некако беше и во бивша Југославија – нашите политичари цел ден низ Белград, а навечер со последниот авион на ЈАТ назад во Скопје. Можеби ќе добиеме некаков асоцијативен статус со ЕУ, што и да значи тоа. Можеби по нашки тоа е домазет – како телевизор што има слика, нема тон. Тој ќе ги ора нивите од жената му, ама нема да бидат негови во тапијата. Добро, важно нешто има. Ние го чекаме тоа, оти сме научиле дека е подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка. Секако, ова за Македонија претставува голем дипломатски успех, затоа што урна еден до вчера непробоен ѕид наречен француска рамка.
Таа веќе добива нови контури и се приспособува на новата европска геополитика. А ние сме токму таму. Дали со тоа би биле изневерени нашите очекувања? Секако да, но тоа не е крајот на приказната, ќе има уште изненадувања, подеми и падови.
Зошто е Бугарија во чекалницата? Да не се чудиме, таа, според нејзината национална доктрина, мора да биде таму за на секој начин да му става сопки на својот сосед. А не би требало. Не би требало затоа што на 1 август 2017 година под сенката на Гоце Делчев во Скопје се потпиша Договор за пријателство, добрососедство, и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Потписници беа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Договорот е потпишан на македонски и на бугарски јазик, во согласност со уставите на двете земји. За среќа, не пишува која кирилица е користена, бугарска или македонска. Морам да бидам саркастичен, па и злобен, едноставно морам. Затоа што според тој договор двете страни треба да развиваат пријателство и соработка во согласност со Повелбата на ОН, документите на ОБСЕ, како и демократските принципи во согласност со актите на Советот на Европа. Еве, ќе се одбележат речиси десет години од потпишувањето на тој договор, а односите не одат во насока ни на добрососедство ни на пријателство, а уште помалку на соработка. Зошто? Првин затоа што тој договор е малку проширена верзија на Заедничката декларација од 22 февруари 1999 година, каде што е втемелен принципот дека ниту во реалноста ниту на хартија Бугарија и Македонија не се на исто рамниште, односно Бугарија треба да ја разбереме како наш постар брат, кој постојано ќе го држиме за раче, а тој може и клоци да ни удира. Нерамноправен субјект во таков договор се коси со базичните принципи на меѓународното договорно право. Но, ете, нашиве политичари и експерти и таа декларација ја зајакнаа на сметка на Бугарија, а на штета на Македонија и тоа сега продуцира проблеми. Фалшив договор, иако, верувам дека се имало добра намера. Но намерата е едно, а реалноста е сосема друго. Млекото истече по шпоретот во оној момент кога министерот Бујар Османи се постави над Уставот, законите и над Собранието, како еден од темелите на македонската држава, па на Втората меѓувладина конференција потпиша Протокол што сега е бесилката за нацијата, која ќе се егзекутира на Камен мост. Потпиша Протокол иако една година пред тоа Собранието изгласа консензуално Резолуција за позициите на Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ.
Така симболично беше запален македонскиот Рајхстаг. Голем проблем, но и показ дека кога не функционира правната држава, можни се и вакви опасни преседани. Да, големо е прашањето зошто кај нас никој не одговара за вакви самоволни и противзаконски одлуки, нешто што се вика политичка одговорност, но и казна за таквото однесување. Примери има премногу, овој со протоколите е секако таков, како и перфидните игри со референдумот за НАТО. Опасноста од ваков однос е легалистите да бидат прогонувани, а политикантите да шетаат како пауни низ државава. Лошо, лошо.
Да го поставиме сега прашањето за Договорот со Бугарија. Има ли неговото постоење смисла сега кога Бугарија ни става вето врз вето не само во ЕУ туку и на наши активности во меѓународната политика. Таков е случајот со блокадата на нашата молба за придружно членство во Иницијативата на трите мориња. Тој фамозен протокол сега се скенира со правна диоптрија и во Уставниот суд, но и во правните тела на Европскиот совет. Каков ќе биде исходот? Каков и да биде, за политичарите секогаш е важно да се почитува домашното законодавство, но и применливоста на договорите. Ако овој договор со Софија е неприменлив, или ќе се преговара повторно или ќе се раскине. Слично како и ракетите на Маск или на кој било друг поединец или држава, кога таа ќе експлодира на лансирање, тогаш се поправаат грешките. Ако грешките се премногу, се прави нов модел. Белки нема да продолжиме со ваков самоуништувачки нагон и понатаму да ги гориме меѓусебните односи меѓу двата народа, за кои сме согласни дека имале заедничка историја, но никако да најдат заедничка основа за денес, па и за утре.

































