Музички проект посветен на уметноста на немиот филм
Немиот филм претставува едно од најзначајните културни наследства од почетокот на минатиот век, а музиката во него има суштинска драматуршка улога. Изведбата на оригинална и адаптирана музика во живо, во синхронизација со филмската проекција, претставува голем уметнички предизвик и истовремено создава ново и автентично концертно искуство.
Денеска, во 19 часот, во Центарот за култура во Дебар ќе се одржи мултимедијалниот концерт „Неми слики – жива музика“, единствен музички проект посветен на уметноста на немиот филм. Пред публиката ќе настапи „Пламенка Трајковска – гудачки квартет“, кој во живо ќе изведува музика синхронизирана со проекција на избрани неми филмови. Концертот претставува ретка можност публиката да го доживее спојот на филмската и музичката уметност на начин што потсетува на традицијата од почетокот на 20 век, кога музиката изведувана во живо била неразделен дел од секоја филмска проекција.
Настанот е во организација на Центарот за култура од Дебар, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Автор на проектот е Пламенка Трајковска, виолинистка, композиторка, членка на Филхармонијата и основачка на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Во својата долгогодишна кариера таа реализира голем број оригинални концертни и мултимедијални проекти, насочени кон доближување на класичната музика до пошироката публика преку современи и иновативни концертни концепти. Во составот на гудачкиот квартет настапуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело На програмата се најпознатите музички теми поврзани со ерата на немиот филм, регтајм-композиции, како и авторска музика за нем филм од Пламенка Трајковска, специјално компонирана и аранжирана за гудачки квартет.
Проектот „Неми слики – жива музика“ ја афирмира класичната музика во современ контекст и отвора нови можности за нејзино приближување до различни генерации публика, обединувајќи ги филмската уметност, музичката традиција и современата концертна интерпретација.
































