ШАХ – ВЕТЕРАНСКИ БРЗ ТУРНИР „ЕСНАФ 2“

ФИДЕ-мајсторот Јани Богоевски триумфира на ветеранскиот шаховски турнир со брзо темпо „Еснаф 2“ во Скопје, во организација на ШКВ Скопје 72, посветен на починатиот член на овој клуб, ФМ Љубомир Илиќ-Кензо. По 11 кола, во кои преовладуваше исклучителна младешка борбеност на сите учесници, Богоевски (2.078 рејтинг-поени, четврти пред почетокот на турнирот) освои импресивни 10 поени, загуби само од Илија Стошевски. Втор е младиот Кирил Николовски (2.155), кој настапи како почесен гостин на ветераните, со осум поени, а трет со ист број поени e ФМ Александар Кралевски (2.110). Турнирот за отворен го прогласи ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, а го судеше Љубомир Хаџи-Манев.
– Кензо, знам дека од некаде нѐ следиш и дека си задоволен што нѐ собра сега нас, твоите другари, кои секојдневно те спомнуваме преку твоите партии, досетки и мудрости. Старите велат додека за некого се зборува – жив е – изјави меѓу другото во поздравниот говор претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
На годишнината кога истакнатиот член на ШКВ Скопје 72, ФМ Љубомир Илиќ-Кензо, го одигра последниот турнир и засекогаш го напушти овој свет, шаховските ветерани на Скопје 72 го организираа овој турнир во негова чест. Големиот банер со ликот на нивниот капитен над шаховската табла само ја зголеми неговата духовна присутност. Салата беше претесна да ги прими сите заинтересирани шахисти, па организаторот мораше да го лимитира бројот на учесници. Г.И.