Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за З.Ј., кој беше обвинет за кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, оценувајќи дека дејствијата што му се ставаат на товар не ги содржат законските обележја на кривично дело, пренесе МИА.
Од Судот информираат дека одлуката е донесена по детална анализа на обвинението, изведените докази и применливите законски одредби.
Според образложението на пресудата, кривичната одговорност не може да се темели единствено на фактот дека обвинетиот е сопственик на возилото и дека неговиот полнолетен син управувал со него без возачка дозвола.
-Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел – се наведува во соопштението.
Судот дополнително истакнува дека повторувањето на прекршочно однесување не значи автоматска трансформација во кривично дело.
-Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело – посочуваат од Судот.
Во образложението се наведува дека непосреден извор на опасност и причинител на настанатите последици бил полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот.
Судот нагласува дека кривичното право се темели на начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од постапките на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или сопственост на возилото.
Против пресудата странките имаат право на жалба пред второстепениот суд.




































