Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица, браќа на возраст од 43 и 44 години, осомничени за обид за убиство извршен во соизвршителство.
Според Обвинителството, на 6 јуни во близина на авто-плац во селото Шишево, двајцата осомничени со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, при што во опасност биле доведени и уште две лица.
Настанот, како што се наведува, бил предизвикан од претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и еден од осомничените со своите возила се допреле со ретровизорите при разминување, по што следувала вербална расправија.
Во текот на конфликтот, осомничениот наводно го фатил оштетениот за врат и му упатил закани, но ситуацијата била смирена од двајца сведоци. Подоцна, оштетениот ја зел сопругата од работа и го повикал својот брат заедно да проверат дали безбедно можат да се вратат по истиот пат.
Според сомнежите на истрагата, во близина на местото на првиот инцидент, двајцата осомничени се сокриле во грмушки и ги чекале да поминат. Во еден момент, првоосомничениот испукал два куршуми кон возилото, при што го погодил братот на оштетениот во пределот на главата и му нанел тангенцијална повреда. Со пукањето бил загрозен и животот на уште две лица кои се наоѓале на местото.
Јавниот обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка и до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Како причини се наведуваат опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување или довршување на кривичното дело.




































