Најновото истражување на аналитичките куќи „Родиум груп“ и МЕРИКС како повод
Економски индикатори дека Европа повторно се врти кон Пекинг
- Додека Брисел под притисок на Вашингтон зборува за „намалување на ризиците од Пекинг“, европската економија сè подлабоко се потпира на кинеските инвестиции, технологија и индустриски синџири. Најновото истражување на аналитичките куќи „Родиум груп“ и МЕРИКС открива дека кинеските директни инвестиции во Европа во 2025 година достигнале 16,8 милијарди евра – највисоко ниво од 2018 година
наваму. Ова е втора последователна година на раст на кинескиот капитал во Европа, при што вкупниот скок изнесува дури 67 проценти во споредба со 2024 година
Кинеските директни инвестиции во Европа повторно растат – и тоа со темпо што јасно покажува дека, и покрај политичките тензии, економската поврзаност меѓу Европската Унија и Кина останува суштинска и незаменлива. Најновото истражување на аналитичките куќи „Родиум груп“ (Rhodium Group) и МЕРИКС (MERICS) открива дека кинеските директни инвестиции во Европа во 2025 година достигнале 16,8 милијарди евра – највисоко ниво од 2018 година наваму. Ова е втора последователна година на раст на кинескиот капитал во Европа, при што вкупниот скок изнесува дури 67 проценти во споредба со 2024 година. Податоците не се само статистички показател за обновување на инвестициските текови туку и силен сигнал дека европската економија, погодена од стагнација, високи енергетски трошоци и индустриско забавување, повторно бара спас во надворешниот капитал, пред сè во Пекинг.
Во време кога европските политички елити под силен пресинг на САД сè почесто зборуваат за „стратешка автономија“ и „намалување на зависноста од Кина“, реалната економија испраќа сосема поинаква порака: Европа не може лесно да иницира економско преструктурирање, излез од рецесијата и нов циклус на раст без кинески капитал, технологии и производствени капацитети.
Гринфилд-експанзија: Кина не купува само компании туку и гради нова индустриска Европа
Особено е значаен фактот што најголемиот дел од кинеските инвестиции не се ограничува само на купување европски компании туку се насочува и кон изградба на целосно нови производствени капацитети. Таканаречените гринфилд-инвестиции, како директни вложувања во нови фабрики, индустриски постројки и логистички центри – достигнале рекордни 8,9 милијарди евра во 2025 година, што претставува раст од 51 процент на годишно ниво. Истовремено, процесите на спојувања и преземања (M&A) исто така бележат експлозивен раст. Во текот на минатата година тие пораснале за 89 проценти, достигнувајќи 7,9 милијарди евра. Овие бројки покажуваат дека кинескиот капитал веќе не е само финансиски инвеститор во Европа туку станува и активен учесник во индустриската трансформација на континентот. Особено во секторите поврзани со енергетската транзиција, електричните возила и новите технологии, Европа сè повеќе се потпира на кинеските компании и нивните глобални производствени синџири. Според анализата, Европа во 2025 година апсорбирала речиси една четвртина од вкупните кинески директни странски инвестиции во светот – податок што јасно ја покажува стратешката важност на европскиот пазар за Пекинг, но и зависноста на европската индустрија од кинескиот капитал.
Истражувањата покажуваат дека и најголемите европски сили, и покрај политичките резерви кон Пекинг, практично не можат да ја игнорираат економската реалност
Најголем примач на кинески инвестиции во Европа и натаму е Унгарија. Минатата година таа земја привлекла 3,9 милијарди евра кинески капитал, задржувајќи ја позицијата на главен центар за кинеските индустриски операции во Европската Унија. Причините за ова се повеќеслојни. Унгарија веќе неколку години води прагматична економска политика кон Кина, нудејќи поволни услови за инвестирање, даночни олеснувања и политичка стабилност за големите азиски компании. Истовремено, Будимпешта се позиционира како клучен европски центар за производство на батерии и компоненти за електрични возила.
Но, покрај Унгарија, значително се зголемува и интересот за најголемите европски економии. Имено, Германија минатата година привлекла 2,5 милијарди евра кинески инвестиции, додека Франција регистрирала прилив од 1,9 милијарда евра. Уделот на Германија во вкупните кинески инвестиции во Европа се зголемил од 10 на 15 проценти, додека уделот на Франција пораснал од пет на 12 проценти. Овој тренд укажува дека дури и најголемите европски сили, и покрај политичките резерви кон Пекинг, практично не можат да ја игнорираат економската реалност.
Автомобилската индустрија е средиштето на новата кинеско-европска економска оска
Најголем дел од кинескиот капитал во Европа и понатаму се слева во автомобилската индустрија. Во 2025 година овој сектор привлекол 7,6 милијарди евра инвестиции, од кои дури 93 проценти биле насочени кон синџирите на снабдување за електрични возила. Ова е клучен момент за разбирање на новата економска географија на Европа. Европската автомобилска индустрија, која со децении беше симбол на германската и западноевропската индустриска доминација, денес сè повеќе зависи од кинеските батерии, суровини, компоненти и технологии. Кина веќе одамна не е само „фабрика на светот“. Таа денес е глобален лидер во производството на батерии, електрични автомобили и зелени технологии. Европа, пак, која се обидува да ја спроведе амбициозната зелена транзиција, практично нема капацитет да го направи тоа без кинеска индустриска поддршка.
Иако автомобилскиот сектор останува доминантен, неговиот удел во вкупните кинески инвестиции се намалил од 52 на 45 проценти, што покажува постепена диверзификација на кинескиот капитал. Секторот за забава во 2025 година привлекол 2,3 милијарди евра кинески инвестиции, додека секторот на услуги достигнал две милијарди евра. Ова покажува дека кинеските компании сè повеќе навлегуваат и во пошироката европска економија, надвор од традиционалното производство.
Улогата на Вашингтон: Политичките тензии меѓу Брисел и Пекинг, како последица на притисок на САД врз европските сојузници, почнуваат да создаваат неизвесност кај инвеститорите
Иако вкупните гринфилд-инвестиции достигнале рекордно ниво, анализата предупредува и на потенцијално забавување во иднина. Вредноста на новонајавените кинески инвестиции во производствени капацитети и опрема во 2025 година изнесувала 5,2 милијарди евра – помалку од 5,7 милијарди во 2024 година и далеку под рекордните 16,9 милијарди евра во 2023 година. Овој пад укажува дека политичките тензии меѓу Брисел и Пекинг, како и сè поагресивниот притисок од Вашингтон врз европските сојузници, почнуваат да создаваат неизвесност кај инвеститорите. Европската Унија во последните години се обидува да балансира меѓу економската соработка со Кина и геополитичките барања на САД. Но токму тука станува видлива суштинската противречност на современата европска политика: економските интереси на Европа и геополитичките интереси на Вашингтон сè почесто не се совпаѓаат.
Пекинг наспроти Вашингтон во врска со Европа
Во срцевината на европската дилема лежи прашањето каков модел на економска иднина ќе избере континентот. Кина ѝ нуди на Европа капитал, фабрики, инфраструктура, технологии и интеграција во глобалните индустриски синџири. Кинеските инвестиции отвораат нови работни места, градат производствени капацитети и ја поддржуваат европската зелена транзиција.
Од друга страна, политиките што доаѓаат од Вашингтон во последните години често се перципираат како механизам за економско и енергетско потчинување на Европа. По прекинот на голем дел од енергетските врски со Русија, европската индустрија беше принудена да се префрли на поскап увоз на енергенти, што значително ја намали конкурентноста на европското производство. Во такви услови кинескиот капитал за многу европски влади станува не само економска можност туку и неопходност.

Растечкиот кинески извоз покажува дека Европа останува отворен пазар
Дополнителен доказ за длабоката економска меѓузависност е и растот на кинескиот извоз во Европа. Во 2025 година вредноста на кинескиот извоз на стоки на европскиот пазар пораснала за девет проценти. Особено е впечатлив растот на извозот на батерии – 43 проценти, додека извозот на автомобили пораснал за 15 проценти. Најголем скок бележи опремата за ветерна енергија, чиј извоз е зголемен за дури 65 проценти. Овие бројки покажуваат дека Европа, и покрај сите политички декларации за „намалување на зависноста“, останува еден од најотворените пазари за кинеските производи и технологии. Практично, европската зелена агенда денес е тешко остварлива без кинески батерии, кинески соларни панели, кинеска опрема за обновливи извори на енергија и кинески индустриски компоненти.
Новата реалност: Европа и Кина се економски поврзани повеќе од кога било
Најновите податоци за кинеските инвестиции јасно покажуваат дека, без оглед на политичките пораки, економската логика повторно ги приближува Европа и Кина. Во време на индустриска стагнација, енергетска несигурност и страв од долготрајна рецесија, Европа сè потешко може да си дозволи конфронтација со Пекинг. Наместо раздвојување, реалноста покажува продлабочување на економската меѓузависност. Токму затоа прашањето што сè погласно се поставува во европските економски кругови не е дали Европа треба да соработува со Кина, туку дали без Кина воопшто може да обезбеди нов циклус на раст, индустриска модернизација и глобална конкурентност во децениите што доаѓаат.
Европа меѓу Пекинг и Вашингтон: Потребно е здраво лидерство за да се оцени кој нуди развој, а кој зависност за ЕУ
- Прашањето е дали Европа ќе има доволен капацитет за лидерство, визија и, се разбира, политичка самостојност да препознае една нова реалност или и понатаму ќе остане заглавена меѓу сопствените економски интереси и геополитичките агенди што доаѓаат од Вашингтон
Постојат моменти кога статистиката зборува погласно од сите дипломатски соопштенија, самити и геополитички флоскули. Таков е и најновиот извештај за кинеските директни инвестиции во Европа. Бројките се недвосмислени: кинескиот капитал повторно силно се враќа на европскиот континент, достигнувајќи 16,8 милијарди евра во 2025 година – највисоко ниво од 2018 година наваму.
Во време кога Брисел официјално зборува за „намалување на ризиците“ од Кина, европската економија емпириски докажува дека подлабоко се врзува за Пекинг за реално и основано да излезе од рецесија. И тоа не е случајност, туку нужност. Затоа што Европа денес се наоѓа во најтешка економска и индустриска криза во последните децении. Германската индустрија стагнира, производството опаѓа, енергетските трошоци ја уништуваат конкурентноста, а европскиот модел на „зелена транзиција“ без евтина енергија и силен индустриски капитал станува економски неодржлив. Токму тука европската економија неминовно пружа раце кон Кина.
Додека западните медиуми со години ја претставуваат Кина како „системски ривал“, европските влади тивко ги отвораат вратите за кинеските фабрики, батерии, електрични возила и индустриски инвестиции. Не затоа што сакаат, туку затоа што мораат. Кинеските гринфилд-инвестиции во Европа минатата година достигнаа рекордни 8,9 милијарди евра. Тоа значи нови производствени капацитети, нови работни места, нови технолошки синџири и нов индустриски импулс за економија што веќе опасно се лизга кон рецесија. Во исто време, Вашингтон бара од Европа сосема поинаква политика. Американскиот модел не се темели на индустриска интеграција, туку на геополитичка дисциплина. Не нуди заеднички развој, туку зависност… енергетска, финансиска и безбедносна.
По прекинот на голем дел од економските/енергетските врски со Русија, Европа остана без евтините енергенти врз кои со децении се темелеше нејзината индустриска моќ. Наместо тоа, континентот доби скап увоз на течен природен гас, растечки трошоци за производство и сè поголема зависност од американскиот финансиски и безбедносен систем. Денес европските компании плаќаат значително повисока цена за енергија од своите конкуренти во Азија и Америка. Тоа веќе не е само економски проблем, туку е прашање на опстанок на европската индустрија.
Наспроти тоа, Кина нуди нешто што Европа очајно го бара: капитал, производство, инфраструктура и технологија. Не е случајно што најголемиот дел од кинеските инвестиции е насочен токму кон секторите на иднината – батерии, електрични возила, обновливи извори на енергија и високотехнолошко производство. Само автомобилската индустрија привлекла 7,6 милијарди евра кинески капитал, а дури 93 проценти од тие средства се поврзани со синџирите за електрични возила. Тоа значи дека европската зелена транзиција веќе практично не може да функционира без Кина. Европа денес може политички да зборува за „декуплинг“, но економската реалност кажува нешто сосема друго: без кинески батерии, без кинески суровини и без кинески индустриски капацитети, европската економија нема сила за нов раст. И токму тука се гледа суштинската разлика меѓу Пекинг и Вашингтон.
Кина настапува преку економија, инвестиции и долгорочни развојни проекти. Нејзината стратегија е изградба на меѓузависност преку трговија, инфраструктура и индустрија. Пекинг не испраќа носачи на авиони за да отвори пазар – испраќа банки, фабрики и логистички коридори. Американската глобална политика, пак, со децении се темели врз доминација на доларот, контрола на енергетските текови, финансиска хегемонија и воена надмоќ. Тоа е модел во кој сојузништвото често подразбира и економска потчинетост. Затоа денес сè повеќе европски политичари, иако внимателно и тивко, почнуваат да сфаќаат дека идниот економски раст на континентот нема да дојде од геополитички конфронтации, туку од нови инвестиции и индустриска реконструкција. А токму тоа во моментов го нуди Пекинг. Растот на кинеските инвестиции и кинескиот извоз во Европа е повеќе од економски тренд. Тоа е показател дека светот влегува во нова епоха во која економската моќ постепено се преместува од атлантскиот кон евроазискиот простор.
Прашањето е дали Европа ќе има доволен капацитет за лидерство, визија и, се разбира, политичка самостојност да ја препознае таа реалност или и понатаму ќе остане заглавена меѓу сопствените економски интереси и геополитичките агенди што доаѓаат од Вашингтон.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник од Германија

































