Тиват покажа дека Брисел е оној што не е подготвен

  • Прво, Тиват ја потврди очигледната ограниченост на апсорпцискиот капацитет на Унијата за нови членки. Второ, самитот уште еднаш ја покажа непринципиелноста на актуелната бриселска политичка номенклатура. Трето, во Тиват беше демонстрирано и врвно политичко лицемерство…

Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват требаше да биде уште една демонстрација на европската посветеност кон проширувањето. Наместо тоа, тој стана најдобриот доказ за нешто сосема друго – за длабоката институционална, политичка и концептуална неподготвеност на денешната Европска Унија да го продолжи процесот на интеграција на нови членки.
Зад свечените говори, внимателно режираните фотографии и дипломатските фрази за „европска перспектива“, во Тиват повторно излезе на виделина една непријатна вистина, а тоа е дека проблемот повеќе не е само во земјите кандидати. Проблемот е и во самиот Брисел.
Прво, Тиват ја потврди очигледната ограниченост на апсорпцискиот капацитет на Унијата. Европската конструкција денес тешко функционира и со постојните 27 членки. Одлуките се носат бавно, институциите сè почесто се блокирани од спротивставени национални интереси, а клучните европски политики покажуваат сериозни знаци на нефункционалност. Во таква состојба, разговорите за ново проширување повеќе звучат како политички маркетинг отколку како реална стратегија.
Второ, самитот уште еднаш ја покажа непринципиелноста на актуелната бриселска политичка номенклатура. Со децении Европската Унија инсистираше на јасни и универзални правила за членство, темелени врз Копенхашките критериуми – владеење на правото, функционални институции, демократска стабилност и еднаков третман на сите кандидати. Денес, меѓутоа, тие принципи сè почесто се заменуваат со геополитички калкулации, политички импровизации и селективни толкувања на критериумите. За едни важат едни правила, за други сосема различни. Тоа неизбежно го поткопува кредибилитетот на самиот процес.
Трето, во Тиват беше демонстрирано и врвно политичко лицемерство. Од земјите од Западен Балкан се бараат стандарди што некои од постојните членки не успеваат доследно да ги исполнуваат. Од кандидатите се очекува совршенство, додека во самата Унија растат институционалните кризи, политичката поларизација, демократските дефицити и недовербата меѓу земјите членки. Тоа создава впечаток дека критериумите сѐ помалку служат како механизам за реформи, а сè повеќе како инструмент за одложување.
Но можеби најважната порака од Тиват е дека Европската Унија се наоѓа пред сопствена криза на идентитетот. Прашањето повеќе не е кога ќе се прошири, туку што точно сака да биде.

Во последните години Унијата сè почесто се обидува да се трансформира во политички централизирана наднационална структура, што предизвикува растечки отпор во многу европски држави. Наместо натамошно институционално надградување врз бирократски централизам, можеби е дојден моментот за враќање кон изворните европски фундаменти – унија на суверени држави што доброволно и рационално соработуваат, пред сè во економската сфера, во заеднички интерес на своите граѓани.
Европа денес има потреба од внатрешно реструктурирање, од редефинирање на сопствените механизми на одлучување, од враќање на политичкиот легитимитет и од обновување на довербата меѓу земјите членки. Без таква реформа, секое ново проширување ризикува да произведе уште поголема нефункционалност.
Токму затоа земјите од Западен Балкан треба трезвено да ја прифатат реалноста. Наместо постојано да ја чекаат следната европска покана, тие треба максимално да го искористат времето што стои пред нив. Не за симулација на реформи, туку за вистинска трансформација на сопствените општества.
Потребни се длабоки структурни промени, ефикасни институции, независно судство, силна правна држава, конкурентни економии и функционални демократски системи. Не затоа што Брисел го бара тоа, туку затоа што тоа им е потребно на сопствените граѓани.
Кога еднаш реформската траекторија на обновената и функционално преструктурирана Европска Унија ќе се пресече со траекторијата на демократски созреан и институционално стабилен Западен Балкан, интеграцијата ќе стане природен процес, а не политичка илузија.
Дотогаш, и Брисел и Балканот имаат домашна задача.
Тиват само нè потсети кој денес навистина не е подготвен – ЕУ!