Градежниот сектор останува еден од најзначајните двигатели на економскиот раст во земјава и е меѓу најголемите придонесувачи во растот на Бруто домашниот производ (БДП), истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната средба со претставници на градежниот сектор и влијанието на оваа стопанска гранка врз економијата, пренесе МИА.
Мицкоски изрази задоволство од најновите економски показатели, посочувајќи дека БДП со усогласени вредности изнесува 3,3 проценти, што, според него, ја позиционира државата на четвртото место во Европа според економскиот раст.
– Јас сум задоволен што БДП со усогласени вредности е 3,3 отсто и во моментов сме четврти во Европа според објавените податоци. Тоа е процент од БДП и го нагласувам поради сите оние што ќе се обидат да ги спинуваат бројките, како што тоа го правеа и претходно. Особено сум задоволен што веќе седми квартал по ред бележиме просечен раст од околу 3,4 проценти, во услови кога нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија, има раст под еден процент – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека станува збор за исклучително позитивен резултат за македонската економија.
Премиерот потсети дека и пред три дена, на прес-конференција, посочил дека според податоците на Евростат, земјава веќе седум последователни квартали бележи раст на БДП кој ја рангира меѓу најуспешните европски економии.
– Тоа не се податоци што ги објавува Владата, туку официјални показатели на Евростат – нагласи Мицкоски.
Осврнувајќи се на индустриското производство, тој рече дека според податоците на Државниот завод за статистика, во април годинава е регистриран раст од 7,6 проценти во споредба со истиот месец лани.
– Со тоа, во првите четири месеци од 2026 година, односно во првата третина од годината, сме меѓу ретките држави во Европа кои имаат позитивен тренд на индустриско производство – истакна премиерот.
Тој додаде дека позитивни се и показателите на пазарот на трудот, наведувајќи дека во првите 21 месец од мандатот на Владата се отворени околу 16.000 нови работни места.



































