Петер Маѓар / Фото: ЕПА

Анализа на швајцарскиот весник „Велтвохе“

  • Обидот на Брисел да го ослаби влијанието на Виктор Орбан во Унгарија заврши со политичко разочарување за Европската Унија, бидејќи новиот унгарски премиер Петер Маѓар не покажува подготвеност да ја следи тврдата антируска линија на ЕУ, анализира швајцарскиот весник „Велтвохе“

Според анализата и процената на швајцарскиот весник „Велтвохе“, „европските институции сè повеќе сфаќаат дека промената на владата во Будимпешта не го донесе пресвртот што го очекуваа“.
Петер Маѓар го победи Виктор Орбан на внатрешно политичко ниво, но не ја прифати логиката, според која, Унгарија треба да ги прекине сите рационални односи со Русија, особено во енергетиката. Во текстот на швајцарскиот весник „Велтвохе“ се наведува дека „новиот премиер разочарал дел од бриселскиот естаблишмент токму затоа што не се однесува како русофоб“!
– До високите функционери на ЕУ постепено почнува да стигнува сознанието дека новиот премиер на Унгарија не е толку различен од стариот. Маѓар ги разочара. Пред сѐ, тој не е русофоб и затоа го наведува очигледното: го победивме Орбан, но тоа не ја промени географијата; Русија ќе остане таму каде што е – пишува „Велтвохе“.

Маѓар: По завршувањето на војната во Украина, Европската Унија ќе се врати на купување руски гас!

Оцената на Маѓар дека, по завршувањето на војната во Украина, Европската Унија ќе се врати на купување руски гас привлече особено внимание. Тоа е незгодна реченица за Брисел, бидејќи директно го погодува наративот дека европското одвојување од руските енергетски извори е неповратен процес.
Реномираниот медиум „Велтвохе“ проценува дека оваа изјава го поништила задоволството на европските претставници поради заминувањето на Орбан. Во Брисел се очекуваше новата влада во Будимпешта да биде многу попослушна на европските директиви, особено кога станува збор за Русија, санкциите и енергијата.
Наместо тоа, Маѓар испрати порака што повеќе личи на ладна географска и економска пресметка отколку на идеолошки говор. Како што рече, Русија нема да исчезне од картата на Европа, ниту Унгарија ќе може да ја игнорира реалноста на својата позиција, потреби и енергетски интереси.
– Штета е што оваа едноставна вистина се негира во Брисел и во другите земји од ЕУ. Затоа, кога ќе стане реалност, ги чека горчливо разочарување. А за Брисел, со неговото постојано мешање во изборите на другите луѓе, би било време да научи: внимавајте што посакувате, желбите можат да се остварат – заклучува „Велтвохе“.

Гасот останува прашање на опстанок, а не на идеологија

Унгарската енергетска политика е една од главните точки на конфликт меѓу Будимпешта и Брисел со години. Виктор Орбан постојано тврдеше дека Унгарија не може да си дозволи да ги прекине сигурните снабдувања со енергија поради политички слогани.
Тој нагласуваше дека Русија ја гарантира енергетската безбедност на Унгарија и дека „нормалните луѓе“ не го менуваат сигурниот снабдувач со несигурен.
Таа логика, според „Велтвохе“, не исчезна со заминувањето на Орбан. Напротив, Маѓар сега практично потврдува дека основниот унгарски интерес не се променил.
Будимпешта може да го промени политичкиот тон, може да ги поправи односите со Брисел и може да побара пари од европските фондови, но не може да ги промени географијата, гасоводите и зависноста на економијата од стабилно снабдување.
Рускиот амбасадор во Будимпешта, Евгениј Станиславов, претходно изјави дека Москва не ја принудува Унгарија да соработува во енергетиката, туку дека долгорочните договори за гас се корисни за самата Унгарија.
Со тоа дополнително е нагласено дека Москва ги гледа односите со Будимпешта првенствено како прашање на интерес, а не како идеолошки сојуз.

Брисел го доби токму она од што се плашеше

За Европската Унија, проблемот сега не е само во Орбан. Ако неговиот наследник исто така одбие да ја прифати целосната енергетска и политичка изолација на Русија, тогаш тоа покажува дека спорот меѓу Будимпешта и Брисел не бил поврзан само со еден човек.
Унгарската политика кон Русија, барем во енергетскиот сектор, има подлабоки корени. Тоа произлегува од позицијата на земјата, структурата на економијата, долгорочните договори и процената дека Унгарија не смее да ја плати највисоката цена за европските геополитички одлуки.
Затоа случајот со Петер Маѓар е толку незгоден за Брисел. Европските претставници веруваа дека промената на владата во Будимпешта автоматски би значела промена на курсот кон Москва.
Наместо тоа, тие добија премиер што зборува помирно од Орбан, но испраќа многу слична порака за клучното прашање: Унгарија нема да ги прекине сопствените енергетски врски само затоа што политичката атмосфера во ЕУ го бара тоа.
Доколку, по војната во Украина, прашањето за враќање на рускиот гас на европскиот пазар навистина се отвори, Брисел ќе се соочи со реалноста што денес се обидува да ја потисне. А Унгарија, без оглед на тоа кој седи на премиерската фотелја, веќе вели дека нема да ја игнорира оваа реалност. Р.С.


Според постигнатиот договор помеѓу владата на Маѓар и Европската комисија

Пред Унгарија поставени услови за отклучување над 16 милијарди евра од фондовите на ЕУ

Унгарската влада и Европската комисија постигнаа договор што ја става Унгарија на добар пат да отклучи 16,4 милијарди евра од фондовите на ЕУ замрзнати поради загриженост за корупција и владеење на правото. Сега, владата, предводена од премиерот Петер Маѓар, има рок до 31 август да ги исполни ветувањата што ѝ ги даде на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нивниот состанок во петокот. Тие вклучуваат обврски за структурни реформи и мерки против корупција, како и чекори за зајакнување на академската слобода во Унгарија. Договорот од петокот не гарантира дека Унгарија ќе ги добие парите, туку ги предвидува условите што унгарските власти треба да ги исполнат. Најважни од нив се 27-те обврзувачки услови на ЕУ или таканаречените суперпресвртници. Доколку Унгарија не успее во кој било од нив, нема да добие финансирање, изјавија претставници на ЕУ. Р.С.