Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Бројот на лица кај кои постои сомневање за зараза со ебола во Демократска Република Конго се искачи на 1.028, што претставува значителен пораст во однос на претходниот ден, кога беа регистрирани 906 случаи, соопшти министерот за здравство Самуел Роџер Камба.

Според него, досега се потврдени 225 случаи на инфекција со вирусот.

Од Светската здравствена организација (СЗО) соопштија дека од прогласувањето на епидемијата на 15 мај во Демократска Република Конго се регистрирани 10 лабораториски потврдени и 223 сомнителни смртни случаи поврзани со ебола. Организацијата предупредува дека вистинскиот обем на епидемијата би можел да биде значително поголем, бидејќи вирусот извесен период циркулирал незабележано.

Во соседна Уганда досега се регистрирани девет заразени лица и еден смртен случај. Властите официјално ги потврдија случаите на 15 мај, а сите биле поврзани со патници кои пристигнале од Конго.

Поради ризикот од понатамошно ширење на болеста, Уганда привремено ја затвори границата со Конго и воведе дополнителни здравствени мерки.

Поради влошената состојба, Светската здравствена организација прогласи меѓународна здравствена вонредна состојба поврзана со епидемијата на ебола во Конго и Уганда.