Фото: ЕПА

Кина се гордее со еден од најголемите архитектонски и инженерски потфати на денешницата

  • Проектот вреден дури 6,7 милијарди долари поврзува два големи кинески града на спротивните страни од Бисерната Река. Благодарение на овој систем од мостови и тунели, патувањето за кое претходно беа потребни околу два часа, сега трае само половина час

На устието на Бисерната Река, каде што една од најголемите реки во Кина се влева во Јужно Кинеско Море, се наоѓа една од најнаселените и најпрометните области на планетата. Со години Хонгконг, Макао и главните центри на покраината Гуангдонг беа поврзани со комплицирани и бавни морски патишта, преку кои честопати беа потребни часови за патување помеѓу нив. Кина сега го реши тоа прашање со проект што многумина го нарекуваат еден од најголемите градежни проекти на модерното време.
Станува збор за огромната транспортна врска Шенжен-Џонгшан, проект вреден дури 6,7 милијарди долари што поврзува два големи кинески града на спротивните страни од Бисерната Река. Благодарение на овој систем од мостови и тунели, патувањето за кое претходно беа потребни околу два часа, сега трае само половина час.
Целосната структура е долга 24 километри и се состои од неколку различни дела. Од двете страни има огромни мостови, додека во централниот дел сообраќајот се спушта под морето преку подводен тунел што поврзува два вештачки острова направени специјално за овој проект. Целиот систем има осум ленти, а возилата можат да се движат со брзина до 100 километри на час.
Изградбата траеше седум години, по што проектот беше отворен пред две години, а целосната конструкција на сè што беше планирано ќе биде завршена во 2028 година. Оттогаш, за ова инфраструктурно чудо се зборува низ целиот свет, бидејќи постави дури десет нови светски рекорди во областа на изградбата на мостови и инфраструктурата на тунели.
Меѓу нив се оние за најголемиот висечки мост од челик со распон, највисоката мостна структура над море, најголемото сидро за морски висечки мост и најдолгиот двонасочен подводен тунел со осум ленти во светот.
Тунелот е долг повеќе од пет километри, а во некои делови широк и до 55,6 метри, што го прави еден од најимпресивните проекти за подводна инфраструктура што е изградени.

Напредниот безбедносен систем, исто така, привлече посебно внимание. Во тунелот постојано патролираат 14 роботи, контролирајќи ги каблите, цевководите и целата инфраструктура. Тие можат да детектираат сообраќајни несреќи, да ја снимаат ситуацијата и да ги насочуваат возачите преку вградени звучници, а информациите да ги испраќаат до централниот контролен центар.
По должината на ѕидовите на тунелот е инсталиран посебен систем на светла што ги менуваат боите во зависност од ситуацијата. Кога сè е безбедно, светлата се зелени, додека во итни случаи стануваат црвени. За време на евентуална евакуација, тие можат постепено да ги менуваат боите за да им ја покажат на луѓето насоката на движење.
Овој проект дополнително се поврзува со познатиот мост Хонгконг-Жухаи-Макао, најдолгиот морски мост во светот, од вкупно 31 километар.
Кинеските власти веруваат дека благодарение на овие мегапроекти, целиот регион ќе стане уште подобро поврзан и економски посилен, додека експертите низ светот веќе го нарекуваат потфатот „Шенжен-Џонгшан“ едно од најголемите архитектонски и инженерски чуда на денешницата.