Белата куќа денеска ги демантираше тврдењата на иранската државна телевизија за наводен неофицијален рамковен меморандум за разбирање меѓу САД и Иран за ставање крај на војната, оценувајќи ги како „неточни“ и „целосна фабрикација“.
Претходно, иранската државна телевизија објави дека Техеран добил нацрт-документ според кој Иран во рок од еден месец би ја обновил комерцијалната пловидба низ Ормуска Теснина на нивото од пред конфликтот, додека САД би ги повлекле своите сили од регионот и би ја укинале поморската блокада.
Според иранските медиуми, предложената рамка не се однесувала на воените бродови и предвидувала Иран, во координација со Оман, да управува со бродскиот сообраќај низ Ормуска Теснина. Сепак, било нагласено дека документот сè уште не е финализиран и дека Техеран нема да преземе никакви чекори без „опиплива проверка“ на договореното.
Иранската државна телевизија дополнително наведе дека, доколку во рок од 60 дена биде постигнат конечен договор, тој би можел да добие форма на правно обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.

































