Фото: МВР/Фејсбук

Во текот на изминатите 24 часа, полициските службеници низ земјава лишиле од слобода 16 возачи поради безобѕирно управување со возило, соопшти Министерство за внатрешни работи.

Од нив, 14 лица управувале возило без возачка дозвола. Меѓу приведените има и малолетник, едно лице со активна забрана за управување, како и возач кој управувал без дозвола и под дејство на алкохол.

Според информациите на полицијата, во Скопје биле приведени три лица, четири во Тетово, пет во Битола, а по едно лице во Македонски Брод и Велес, каде што приведениот бил малолетник.

Во Велес, полицијата привела и лице кое управувало возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол, како и друго лице кое возело иако имало активна забрана за управување.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Полицијата повторно апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување.