Фото: Пиксабеј

Во полициска акција што се спроведува од рано утрово во областите Солун, Килкис, Сер и Атина, грчката полиција уапси 17 лица осомничени за измами поврзани со европски земјоделски субвенции. Според првичните информации, осомничените нелегално се стекнале со над 4,5 милиони евра, пренесе МИА.

Од грчката полиција информираат дека истрагата се однесува на организирана шема за злоупотреба на средства од Европската Унија, преку лажни изјави и незаконско добивање субвенции.

Ова е втора ваква акција во рок од 24 часа. Вчера на островот Крит беа уапсени 22 лица, осомничени дека предизвикале финансиска штета од над три милиони евра преку слични измами.

Според властите, во случајот на Крит, криминалната група „професионално и континуирано“ спроведувала измами со земјоделски субвенции, при што од 2019 до 2024 година штетата за ЕУ и грчката држава се проценува на најмалку 2,7 милиони евра, а во случајот се опфатени и дополнителни 116 лица.

Денешната акција ја води Дирекцијата за борба против организиран криминал во северна Грција, а повеќе детали се очекуваат по нејзиното завршување.