фото: Пиксабеј

Во заедничка меѓународна акција на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК) и италијанската Дирекција за борба против мафијата од Бари, разбиена е организирана криминална група поврзана со перење пари, убиства и меѓународна трговија со дрога.

Како што соопшти првиот човек на СПАК, Клодијан Брахо, операцијата е спроведена со поддршка на Евроџаст, врз основа на истраги поврзани со убиството на 26-годишниот италијански фризер Франческо Дивисти, извршено во април минатата година, пренесе МИА.

Според Брахо, групата ја предводел албанскиот државјанин Игли Камбери, а во рамки на акцијата се издадени 15 мерки за безбедност – 10 од албанскиот и 5 од италијанскиот суд. Од вкупно 15 осомничени, 11 се албански, а 4 италијански државјани, меѓу кои има и четири жени.

Во истрагата се запленети околу еден милион евра во готово, како и имот, компании и возила за кои постои сомнеж дека потекнуваат од криминални активности.

Акцијата е спроведена на повеќе локации во Албанија, Италија и Шпанија, меѓу кои Тирана, Валона, Фиер, Рим, Барлета, Анкона и Мадрид.

Од италијанската Дирекција за борба против мафијата во Бари порачаа дека соработката со СПАК трае повеќе од една деценија и ќе продолжи и понатаму, нагласувајќи дека заедничките операции се клучни во борбата против организираниот криминал.