Во ЦК „Марко Цепенков“ денеска се одржа прес-конференција на која беше најавена премиерата на претставата „Девојките на Марко“, работена според култниот текст „Боинг Боинг“ на Марк Камолети, во режија на Синиша Евтимов, во продукција на Театар „Војдан Чернодрински“.
Премиерата ќе се одржи утревечер (среда) од 20 часот на големата сцена во ЦК „Марко Цепенков“, а станува збор за втора премиера на театарот за 2026 година, поддржана од Министерство за култура и туризам.
Преводот и адаптацијата на текстот ги потпишува самиот режисер Синиша Евтимов, кој најави „летен хит за прилепската публика“ и претстава што, како што рече, ќе донесе ведрина, хумор и свежина на репертоарот.
– Креиравме летен хит за прилепската публика. Ова е претстава за ведрата страна на животот, претстава која со сигурност ќе донесе свежина на репертоарот на театарот „Војдан Чернодрински“ и ќе ја полни салата – изјави режисерот Евтимов.

Директорката на Центарот за култура, Марија Попова Јованоска, истакна дека по подолг период прилепската публика повторно ќе има можност да проследи комедија.
– Ова е втора соработка со режисерот Синиша Евтимов, а претставата нуди современ пристап, многу хумор и преку живописни ликови отвора теми кои се блиску до секојдневието. Актерите вложија многу труд и се надеваме дека ќе има позитивна атмосфера во публиката – рече Попова Јованоска.
Раководителот Михајло Миленкоски посочи дека станува збор за модерна комедија во режија на Синиша Евтимов, која, како што рече, ќе донесе многу смеа и уживање за прилепската публика.
Сценографијата и костимографијата се дело на Илина Ангеловска, додека изборот на музиката е на режисерот.
Во претставата настапуваат актерите Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески.
Од актерската екипа велат дека соработката со режисерот била значајно искуство и дека уживале во процесот на создавање на претставата, која веќе се најавува како комедија што ќе донесе смеа и позитивна енергија на прилепската сцена.
Ка.М.


































