Во време на глобални кризи, војни, отуѓување и растечки консумеризам, академскиот уметник Милан Андов преку својата нова изложба „Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“ отвора длабоко вознемирувачки, но исклучително актуелен дијалог за состојбата на современиот човек и неговата духовна и емоционална ранливост.

Изложбата ќе биде отворена на 28 мај во 20 часот во Мала станица, а поставката ќе биде достапна за посетителите до 28 јуни 2026 година.

Во фокусот на изложбата е распаѓањето на човековото тело и идентитет, внатрешниот немир, стравот и духовната дехуманизација, теми што сè почесто стануваат одраз на современото општество. Андов ја поставува човечката фигура во центарот на своето творештво – деформирана, раскината и оттурната во празен, недефиниран простор, како симбол на колективната и личната агонија.

Кураторката Александра Зиновски-Вилиќ посочува дека темата на дехуманизацијата е присутна во творештвото на Андов повеќе од две децении, при што авторот, како што вели, „брутално искрено“ ја разобличува негрижата кон човекот и општеството.

 – Телото, како резултат на немирот, го губи својот нормален изглед и се трансформира во една човеколика форма која кај набљудувачот предизвикува измешани емоции – наведува кураторката.

Преку експресивни потези, нагласена мускулатура и дисторзирани ликови со стаклест поглед, Андов создава визуелен свет што истовремено вознемирува и повикува на преиспитување. Неговите дела претставуваат критика на современото општество кое, според концептот на изложбата, станува сè поиндиферентно кон човековото достоинство, емпатијата и хуманоста.

На свеченото отворање ќе присуствува директорот на Национална галерија, Али Синани, додека изложбата официјално ќе ја отвори вишата кустоска Маја Крстевска.

Милан Андов е академски уметник роден во Скопје во 1974 година и добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои „Златен остен“ и наградата „Лазар Личеноски“. Неговите дела досега биле изложувани во повеќе светски центри, меѓу кои Берлин, Лондон, Ереван и Абу Даби.