Фото: Централна команда на САД/Официјален фејсбук профил

САД извршија нови напади во јужен Иран, таргетирајќи ирански ракетни позиции и бродови кои се обидувале да постават мини, објави „Би-би-си“.

Како што соопшти Централната команда на САД, нападите биле преземени „во самоодбрана“ и имале за цел „да ги заштитат нашите трупи од заканите што ги претставуваат иранските сили“. Портпаролот на командата, капетан Тим Хокинс, истакна дека американската војска „продолжува да ги брани нашите сили додека покажува воздржаност во тековното примирје“ помеѓу двете земји.

Иран сè уште нема одговорено на американскиот напад. Претходно, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи, рече дека, иако има одреден напредок во разговорите за крај на војната, договор „не е неизбежен“.

Не е јасно какво влијание ќе имаат нападите врз можниот мирен договор помеѓу САД и Иран.

По нападите, државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека договор сè уште е можен и се повика на разговорите кои се одржаа во вторникот меѓу врвниот ирански преговарач и министерот за надворешни работи на Иран и премиерот на Катар.

– Ќе видиме дали можеме да постигнеме напредок. Се работи за многу разговори околу специфичниот јазик во почетниот документ, па ќе треба неколку дена – рече Рубио на прес-конференција за време на официјална посета на Индија.

Тој додаде дека претседателот Доналд Трамп „изразил желба да се постигне договор“.