Четворица државјани на Турција се приведени и против нив е поднесена кривична пријава поради физички напад врз доставувач во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил на 24 мај околу 19:55 часот на подрачјето на Центар, кога, според пријавата, по претходна расправија околу сообраќајот, осомничените со патничко возило „ауди“ удриле во мотоциклот на 20-годишниот Ф.М. од Скопје, кој во моментот извршувал работни задачи како доставувач, а потоа и физички го нападнале.
По преземени оперативни мерки, полициски службеници од СВР Скопје на 25 мај во 01:30 часот ги привеле О.А. (21), А.Ф.Е. (21), Т.А.Б. (22) и А.И.О. (24), сите државјани на Турција.
Од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против осомничените е поднесена соодветна кривична пријава, а судија на претходна постапка им изрекол мерка притвор.




































