ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН
Родум сум од селото Голозинци, Велешко, тоа е близу до арнаутското село Мелница, до реката Тополка. Името Ќосе е прекар, даден од другарите ми…
Од Велес некои му пишале на Дамјан Груев. Јас, пак, ништо не знам за организацијата. Бев слушал нешто, но како во сон. Не можам да си објаснам што точно. Во тоа време имаше еден Тано Мурџев, кој бил даскал и поврзан со таа работа. Даме Груев го задолжил да го најде тоа „момче“. Даме Груев не се појави пред мене, туку ме запознаа со поп Стамат, оној што го убија Грците. Тој ми кажа: „Ќе дојдеш вечер таму и таму“. Отидов во една куќа, каде што Мурџев ме испраша подробно и ме праша што мислам да правам. Јас му одговорив: „Каде ми очи, таму глава!“ И тогаш тој ме заколна и ми кажа какво имало, што имало…
…го пронашле жив, но по патот кон болницата умрел, без да каже ништо. Тано му раскажал за случката на Дамјан Груев, кој многу се јадосал и рекол: „Ич тоа да не му е работа, да прави така на своја рака“. Почнале да ме бараат и Тано ме пронајде. Излезнавме слободно, во тоа време веќе бев започнал да се движам слободно. Од тогаш почнав да правам средби со Дамјан Груев. Даме ми кажа: „Такви работи натаму нема да правиш, макар и некој да те навреди. Само кога ќе ти се даде некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш“. Нејсе, претрпев сè!
Бев слушал за Делчев, но тогаш лично не се познавав со него. За моето родно место знаеше само Дамјан Груев. Му бев рекол на Даме: „Ако сакаш да си останеме пријатели, не треба да кажуваш на никого каде сум роден, инаку ќе те убијам“. Кога го слушна тоа, Даме се засмеа и ме запраша: „Дали би посегнал врз мене, Андоне?“ Му одговорив дека и тоа би го извршил. И Даме ја зачува до крај тајната на моето село, докрај – до својата смрт…
…Од Ветрино отидовме во Ќустендил, отседнавме во квартирата на баба Дона. Тука го сретнавме и Ефрем Чучков. Ќустендил во тоа време беше како збирен пункт. Од тука со фајтон за Радомир. Од таму со машината право во Софија. На гарата не сретнаа Ачков и Такиџиев, кои нѐ однесоа во хотелот „Браќа Миладинови“. Таму се видовме со Михаил Герџиков и други дејци. Собрани беа, калабалак. Гоце ни рече утре наутро да отидеме во Претставителството. Тогаш како претседател таму беше Борис Сарафов. Како што нареди Гоце Делчев, така и направивме утрото. По едно време разсипиите се раздвижија и соопштија дека доаѓал Борис Сарафов. Ние седевме на една клупа во ходникот и на главите имавме качкети. Борис Сарафов, кога нѐ забележа, се сврте кон разсипиите и запраша: „Кој ги пуштил тие мрсни хора тука?“ Тој беше слушал за нас, но ние не го познававме.
Ни стана срам и му цапнавме по една дума. Се отвори вратата на една од собите, каде што излезе дека бил Гоце Делчев. Кога ги слушна гласовите, Гоце истрча и се обрна кон Борис Сарафов, велејќи му: „Абе, Борисе, тоа се Попето и Ќосето, не ли ги познаваш!?“ Тогаш Сарафов се сврте и ни рече: „Зошто не се јавувате, бе луѓе“. На поздравот му одговоривме со половина глас, а Попето дури и не му подаде рака, само му рече: „Ние сме мрсни хора, ке ти измрсеме рацете“. Попето се сврте кон мене и рече: „Ајде Ќосе да си врвиме, за нас не е тука“. Делчев истрча по нас и почна да нѐ убедува: „Не го правете тоа. Попе, Андоне, чекајте, почекајте…“ Ние веднаш го напуштивме Претставителството и отидовме во Градската градина…
…Добив писмо од Јане Сандански од Дупница. По тоа време тој беше директор на затворот и претседател на македонското дружество. Не го познавав, но тој слушал за мене. Во писмото си ми даваше акл. Ми напишал дека „сум жесток, не требало да убивам попове и даскали, а неопходно било да ја засилиме агитацијата, затоа што тие луѓе ќе ни биле нужни…“ Писмо со подобна содржина испратил и до Централниот комитет во Солун. Не мина многу време и јас добив копија од тоа писмо. Содржината на писмото беше исто со моето. Писмото на Јане ме јадеше ептен многу и земав, па му пишав писмо со следната содржина: „Јане, го добив твоето писмо и во одговор ти го соопштувам следното: Не примам да ми се даваат совети надвор од границите на Македонија. Пак од друга страна си правам сметка, дека сѐ ќе нѐ доведе случајот да се сретнеме…“ И навистина, не мина многу време и кон 1900 година добив соопштение да излезам кон границата и да го пречекам Јане Сандански, кој идел со чета. Кај селото Лешко, Горноџумајско, им дадов канал, испративме курири и ја преминаа границата. Се сретнавме со Јане и се размуабетивме. Ми даваше совети за дејствување, но не се согласував со него и му реков дека уште не ги познава условите при кои се работи овде. Сепак, советите што ми ги даваше не беа лоши. Но тој не беше известен за условите при кои работиме, не го познаваше менталитетот на простиот човек. Пред да се разделиме му реков да не се издава наеднаш пред секој, затоа што веднаш ќе го предадат. Скоро по нашата разделба, Сандански застанал во едно од селата, ги собрал сите селани и кој знае, кој не знае, ги заколнал. Им држел говор, агитирал, но кој е го разбрал, кој не и потоа го напуштил селото. Додека да стигне до другото село, го предале…
М-р Никола Ристевски
продолжува

































