Таленти: Михаела Пурдеска, осмоодделенка од ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп
- Сакам да го продолжам моето образование во средното музичко училиште во Битола, а потоа да продолжам на Факултетот за музички уметности во Скопје, вели Михаела. Таа со својот музички талент веќе се истакнува и во градот, но и во државата, а благодарение на успесите на меѓународни музички фестивали стана препознатлива и во регионот
Прилеп изобилува со таленти во различни области и низ годините се покажало дека многу важни личности во повеќе општествени области потекнуваат токму од градот под Марковите Кули. Но успехот почнува со талент, кој треба да се надградува. Денес ви ја претставуваме Михаела Пурдеска, осмоодделенка од ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп. Со нејзиниот музички талент, таа веќе се истакнува и во градот, но и во државата, а благодарение на меѓународните музички фестивали станува препознатлива и во регионот.
Михаела неодамна, на регионалниот натпревар по соло-пеење, освои прво место и тоа ѝ овозможи учество на државниот натпревар, каде што исто така беше првонаградена, во категоријата основни училишта, исполнувајќи ја песната „Part of your world“. Но низата награди не застана тука, затоа што таа е носителка на прва награда по соло-пеење и меѓу основните музички училишта во државава.
– Неодамна настапив и на концертот што се одржа во Прилеп, по повод 30 години од детскиот музички фестивал „Си-до“. Ја исполнив песната „Завет за мир“, која Ане Димовска ја испеала на овој фестивал во 1992 година – ни рече Михаела.
Редовна учесничка е на натпреварот „ВАФ контест“ (Wоrld association of festivals Contest), на кој досега се закитила со две втори и едно прво место. Добитничка е и на прва награда на Фестивалот на музички таленти во основното и во средното образование во Битола, а третонаградена е и на меѓународниот натпревар по соло-пеење „Никола Цвеиќ“ во Рума, Србија. Исто така, минатата година ја доби првата награда на фестивалот „Песните на Тоше“.
Мама го откри талентот на Михаела
Но да се навратиме малку на нејзините почетоци.
– Уште како малечка пеев. Кога имав пет години, мајка ми го препознала мојот талент и ме запиша во приватното музичко училиште „Матрикс“ каде што и сега изучувам разни жанрови на музика. Потоа продолжив и во Основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп каде што до шесто одделение учев и пијано, но од седмо се определив за соло-пеење. Мои наставници се Леонарда Боданоска Гиноска и Денис Димоски – вели Михаела.
Таа ни откри дека е солидна ученичка во своето основно училиште и покрај многубројните проби и настапи поврзани со музиката. Но не баш сите наставници имаат разбирање за нејзините чести отсуства од училиштето.
– Во слободно време цртам, читам и голем дел од денот свирам на пијано. Сама извлекувам акорди и најчесто на пијаното свирам некои светски хитови – раскажа Михаела.
Негува посебна љубов кон старите поп-хитови и кон класичната музика. Како што рече, се труди да го даде максимумот додека е на сцена, но на тоа мора да му претходи одлично совладување на песната. Иако веќе ја препознаваме по поп-изведби, Михаела во иднина се гледа себеси како оперска пејачка.
– Од македонските пејачки сакам да ги слушам Калиопи и Каролина Гочева. Минатата година на државниот натпревар по соло-пеење ја изведов песната „Моја последна и прва љубави“ од хрватската и југословенска музичка дива Тереза Кесовија. Од странските, пак, сакам да ги слушам Селин Дион и Мајкл Џексон. Исто така, со воодушевување ги слушам домашните и странските оперски пејачи и пејачки и не можам да издвојам некој посебно – вели Михаела.
Сепак, таа го сака и џезот, па често со својот професор Денис Димоски, во музичкото училиште „Матрикс“, вежба џез и ја слуша Ета Џејмс.
Цело лето патувања и настапи
Последниве години во Прилеп, најпопуларен училиштен хор е токму оној во училиштето „Климент Охридски“ во кое учи Михаела. Овој хор, под диригентство на наставничката по музичка уметност Маја Џопа, постојано подготвува интересни проекти што ги прославија училиштето и градот. Често прават соработка и со други хорови и ја промовираат меѓугенерациската соработка. Секако и Михаела е членка на хорот.
– Хорот е составен само од девојчиња. Драго ми е што многу работиме и убаво се дружиме. Омилени ми се изведбите на песните „Летај ми летај гулабе“ и „Полско цвеќе“ – откри Михаела.
Наместо да биде лаборант што ќе си пoтпевнува додека ги преместува епруветите, Михаела го избрала музичкиот пат.
– Кога бев малечка сакав да работам во хемиска лабораторија, но љубовта кон музиката си го направи своето. Сакам моето образование да го продолжам во средното музичко училиште во Битола, а потоа да продолжам на Факултетот за музички уметности во Скопје – вели Михаела.
Пролетва е мошне плодна и инспиративна за талентираната и трудољубива Михаела Пурдеска, па така, таа ја сними и својата прва песна, насловена „Два света“, со која ќе настапи на фестивал во Котор, Црна Гора. Потоа ја очекува настап на фестивалот „Езерски бисери“, кој ќе се одржи во Струга, во август годинава. Ние ѝ посакуваме многу среќа и ја очекуваме да се врати со награди, заради кои повторно со радост ќе пишуваме за неа.
Ф.Д.


































