Денеска напладне, во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (Дом на градежниците), ќе биде одржан настанот „Сончева патека“, со кој ќе се одбележат 68 години од објавувањето на првиот број на нашиот додаток за деца „Колибри“, чиј прв број е објавен на страниците на „Нова Македонија“ на 8 јули 1958 година.
Во рамките на одбележувањето ќе бидат доделени благодарници за долгогодишна соработка на повеќе новинари, писатели и други личности од општествениот живот, кои со својата работа придонеле за збогатување на содржините на „Колибри“, а со тоа и во развојот на многу генерации деца што другарувале со нашите страници.
На настанот ќе се обратат поранешниот главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Марјан Велевски, актуелниот главен и одговорен уредник Милко Живковиќ и уредникот на „Колибри“, Филип Димкоски.
Специјални гости се академската сликарка м-р Славица Танеска, сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин и поетесата Силвана Димитриевска. Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Љубанци и ученичката Нина Лазаревска од ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје ќе ја збогатат програмата со уметнички точки. Гости, пак, ќе бидат учениците и наставниците од ООУ „Јан Амос Коменски“ како продолжение на долгогодишната соработка на „Колибри“ со ова основно училиште.
Наместо торта, учениците ќе добијат прекрасни книги во кои ќе уживаат за време на претстојниот летен распуст.
Ф.Д.
Колибри има мали очиња, но го гледа цел свет
Основачка и прва уредничка на „Колибри“ е поетесата Евгенија Шуплинова, родена во прилепското село Тополчани во 1930 година. Шуплинова и Даница Ручигај се први македонски поетеси со објавена книга поезија за возрасни во 1960 година. Шуплинова го „раскририла“ нашето „Колибри“, а по нејзините стапки продолжиле уредниците Перо Миленкоски, Наум Попески и Марија Таушанска Анастасовска, па сѐ до актуелниот уредник Филип Димкоски. Во чест на Шуплинова, кон средината на мај во Прилеп, читачкиот клуб „Одрадек“ организираше разговор за нејзиното творештво во кој учествуваа поетесата Филипа Сара Попова и поетот и новинар Филип Димкоски, а модератор беше авторот и издавач Никола Гелевски. Во својата стихозбирка „Неспокој“, во песната очите на птиците, Шуплинова пее „Колибри има мали очиња, но го гледа цел свет“. „Колибри“ и натаму продолжува да го гледа светот со очите на децата.
Со „Колибри“ летаме низ времето
Колибри е птица
што ги смее детските лица.
Шарен букет што во вторник
весникот „Нова Македонија“ го краси,
радост што сее меѓу читателите,
учениците, учителите, писателите
и сите што преку зборовите
воспитуваат и облагородуваат
и петки без протекција пишуваат.
„Колибри“ е вечно сврталиште
на креативните и неуморните
патувачи низ времето.
Четиво за најмладите
што се труди да биде необременето
со тешкотии и проблеми.
Тоа веќе 68 години ита
да ги зачува успесите
на сите кои летале
со најбрзата птица на светот.
Таа допре многумина
опишувајќи го детството во летот!
Авторка: Марија Таушанска



































