ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2026 ВО САД, МЕКСИКО И ВО КАНАДА
- Од првото СП, во 1930 година, вкупно осум репрезентации биле светски прваци
На претходните шест светски првенства е воспоставена шампионска низа што никогаш претходно не се случила на планетарните фудбалски шампионати, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Така, во периодот од 2002 до 2022 година имаше шест различни светски прваци, и тоа Бразил во 2002 година, Италија во 2006-та, Шпанија во 2010-та, Германија во 2014-та, Франција во 2018-та и Аргентина во 2022 година.
Од првиот фудбалски мундијал, одигран во 1930 година, вкупно осум репрезентации биле светски прваци, и тоа Бразил пет пати, Италија и Германија по четири пати, Аргентина трипати, Уругвај и Франција по двапати, а Англија и Шпанија по еднаш.
Аргентина на годинашното светско првенство се обидува да направи нешто што не е направено одамна, да освои две светски првенства по ред. Единствените репрезентации што го постигнаа тој подвиг беа Италија, со триумфите во 1934 и во 1938 година, и Бразил со победите во 1958 и во 1962 година.
Најголемото светско првенство досега ќе има рекордни 48 селекции, кои ќе одиграат рекордни 104 натпревари во САД, Канада и во Мексико. Трите земји домаќини автоматски се пласираа на Мундијалот, актуелниот шампион Аргентина ќе ја брани титулата, а четири репрезентации се дебитанти, и тоа Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан. Селекциите се распоредени во 12 групи, од каде што по три кола првите две репрезентации од секоја група и најдобрите осум на третите места во групите ќе се пласираат во шеснаесеттина-финалето.
Мечевите од групната фаза ќе се играат во Атланта, Фоксборо, Арлингтон, Гвадалахара, Хјустон, Канзас Сити, Инглвуд, Мексико Сити, Мајами Гарденс, Монтереј, Ист Радерфорд, Филаделфија, Санта Клара, Сиетл, Торонто и во Ванкувер. Н.М.

































