Фото: МИА

Голем пожар што избувна синоќа во Радовиш во кругот на поранешниот „Декортекс“ зафатил една од халите на текстилна фабрика, каде што биле сместени машини и репроматеријали. Огнената стихија била локализирана по повеќечасовна интервенција на пожарникарските екипи, а повредени граѓани нема, пренесе МИА.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека пожарот бил пријавен вчера во 20.08 часот во Полициската станица Радовиш.

Во гаснењето учествувале екипи на Територијалните противпожарни единици од Радовиш и Струмица, како и доброволното противпожарно друштво од Конче. Интервенцијата траела повеќе од шест часа.

Според информациите од радовишките пожарникари, неколкумина пожарникари при интервенцијата вдишале чад и се здобиле со полесни изгореници, но сите се во добра здравствена состојба.

За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, како и инспектор за пожари. Увид на местото извршила екипа од ОВР Радовиш, а причините за пожарот се утврдуваат.