Премиерот Христијан Мицкоски порача дека делото на светите браќа Кирил и Методиј и денес носи силна и современа порака, дека секој народ има право на образование, култура, духовен израз и свој јазик.
Обраќајќи се на свечената академија „Од слово до вечност“, што се одржа во црквата Света Софија во Охрид по повод Денот на сесловенските просветители, Мицкоски истакна дека одбележувањето на делото на Кирил и Методиј не е само сеќавање на двајца просветители од деветтиот век, туку потсетник на цивилизациската идеја дека човекот е вистински слободен кога има право да мисли, учи, создава и да говори на свој јазик.
– Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја. Тоа не е само историска поука, туку и современо предупредување – порача премиерот.
Мицкоски нагласи дека во време на брз технолошки развој, вештачка интелигенција и глобални промени, повеќе од кога било е потребно образование што нема да создава само луѓе со дипломи, туку личности со вредности, карактер и критичка мисла.
Според него, вистинското образование не е само акумулација на информации, туку способност да се разликува вистината од манипулацијата и вредноста од привидот.
– Образованието е најмоќното оружје со кое можеме да го промениме светот, но и најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина – истакна Мицкоски.
































