Фото: Принтскрин/Гугал мапс

Соединети Американски Држави и Иран се блиску до постигнување договор за 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, во чии рамки би се отворил Ормускиот теснец, а Техеран би добил можност повторно слободно да продава нафта, објави „Аксиос“, повикувајќи се на американски функционер.

Според извештајот, во текот на 60-дневниот период Ормускиот теснец би бил отворен за слободен поморски сообраќај, без патарини, а Иран би се обврзал да ги отстрани мините поставени во теснецот, со цел непречено движење на бродовите, пренесе „Ројтерс“.

Во замена, САД би ја укинале блокадата на иранските пристаништа и би одобриле делумни олеснувања на санкциите, што би му овозможило на Иран повторно да извезува нафта.

Нацрт-договорот, според „Аксиос“, предвидува и обврска Иран да не се стреми кон развој на нуклеарно оружје, како и преговори за суспензија на програмата за збогатување ураниум и отстранување на залихите на високо збогатен ураниум.

Извори за „Аксиос“ тврдат дека Иран преку посредници веќе им доставил на САД усни гаранции за обемот на отстапките што е подготвен да ги направи во однос на нуклеарната програма.

Од американска страна, наводно, постои подготвеност во текот на 60-дневниот период да се разговара и за дополнително укинување на санкциите и одмрзнување на иранските средства.

Белата куќа засега не го коментираше извештајот.